BMW X3-НОВА ОБЛЕКА ЗА „ИКС ТРОЈКАТА“

01/07/2021

Обновувањето на моделите популарно наречено рестилизација, се прави откако ќе поминат четири години од светската премиера. Производителите се одлучуваат на таков чекор за нивното возило да биде освежено и со тоа да се продолжи продажниот период. Е сега дали се три и пол или четири години, тоа зависи од производителот, но главната намена на редизајнот е возилото со минимални измени да може успешно да се продава на пазарот барем уште година и пол до две.

И „бмв икс 3“ стаса до тој стадиум да мора да претрпи естетски измени. Веднаш уочливи се светлата кои сега се потенки, но затоа препознатливата маска, двата отвори, сега се поголеми отколку кај претходникот. Заоблените детали добиваат оштри линии, на пример задната светлосна групација и сега „икс тројката“ изгледа за нијанса поагресивна.

Покрај измените во надворешниот облик, секако дека дизајнерите посветиле внимание и на внатрешноста и тоа не само во одделот за патниците туку и во одделот за погонската единица. Малку хибридизација нема да биде на штета на возилото, напротив, тоа допринесува во одделни мигови возилото да биде солидно агресивно нарочно во режимот на работа наречен „спорт“. Покрај овој благодет, хибридизација допринесува и за намалената потрошувачка на гориво. Погонот на сите тркала ја има покажано својата надмоќ над тој со погон само на една оска, но сепак БМВ и натаму во понудата има модел со погон на едната оска – „икс 3 с драјв“.

Покрај „икс тројката“, измени во дизајнот и опремата има и во купе изведбата „икс четворката“. Да нема забуни, тоа е еден ист модел во две изведби, односно купе изведбата на „икс тројката“ се нарекува „икс четворка“.

Погонските единици за „икс тројката“ се следниве, бензински „икс драјв 20 и“, „икс драјв 30 и“ и „м 40 и“, а дизелите ги носат следниве ознаки „икс драјв 20 д“, „икс драјв 30 д“ и „м 40 д“. Хибридната изведба носи ознака „икс драјв 30 е“. Тоа е комбинација од електромотор кој овозможува изминување на 50 км, а основниот мотор е со зафатнина 2,0 литри со турбина и четири цилиндри во линија. Вкупната силина брои 292 КС, се пренесува на сите тркала преку 8 степен автоматски менувач од марката ЗФ. Ова возило постигнува 100 км/ч за време од 6,1 секунди и максимални 210 км/ч. Ако е во употреба само електропогонот тогаш возилото ќе измине околу 50 км.

И во „икс четворката“ се вградуваат и бензински („икс драјв 20 и“, „икс драјв 30 и“ и „м 40 и“) и дизел мотори („икс драјв 20 д“, „икс драјв 30 д“ и „м 40 д“). Моторот со најмалку силина има 184 коњи додека најснажниот располага со 360 КС.

„М“ класата, ако може така да се нарече, кај БМВ значи дека возилото има спортска нота (моторспорт). За нив е наменет 3,0 литарски шестцилиндричен линијски мотор и двоен турбо компресор. Сето тоа допринесува моторот да развива 475 КС, а тие со придавката „компетишн“ располагаат со дополнителни 30 КС или вкупно 503. Со таа силина управува стандарден осум степен автоматски менувач. За нив важат овие бројки при забрзување од 0 до 100 км/ч, 3,9 секунди за „м“ и 3,7 секунди за изведбата „м компетишн“.

Во патничкиот оддел има многу освежувања, како на пример дигиталната табла со инструменти и екран осетлив на допир со дијагонала од 10,25 или 12,3 инчи. Тука следат и безбедносните системи поврзани со разни сензори и камери. Продажбата на редизајнираните „икс тројка“ и „икс четворка“ ќе отпочне во август.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.