BMW SPEEDTOP-НАЈНОВ КОНЦЕПТ ОД БМВ

11/06/2025

Минатата година „скајтоп“, а годинава „спидтоп“ – БМВ продолжува со претставување на супер концепти. Рака на срце, сите концепти спаѓаат во категоријата „сушер“, бидејќи еден од друг се поубави. А кога ќе дојде време за сериско производство, Господ нека им е напомош, сериските модели редовно заостануваат зад концептите, и тоа не малку, туку многу.

БМВ применува една многу досетлива тактика, да речеме итрина. Претставува концепти, но истите ги произведува во ограничена серија и ги продава. Тие концепти веднаш стануваат сон број еден за колекционерите ширум светот. Минатата година БМВ на Конкурсот на елеганција Вила д Есте го претстави преубавиот концепт „скајтоп“ и го произведе во само 50 примероци. Тоа за колекционерите е нешто како рај и најверојатно сите примероци биле однапред продадени. Годинава на спомнатиот екстравагантен собир покрај езерото Комо, БМВ го изложи концептот „спидтоп“ и најави негово производство во само 70 примероци. И без двоумење можеме да кажеме дека повторно имаме разграбување.

Посебен дизајн створен на начин достоен за марката. Токму овие концепти треба да бидат иднината на БМВ и тоа веднаш.

Концептот „спидтоп“ исто како и „скајтопот“ претходно е правен со посебна грижа за секој детаљ. Вниманието одело дотаму што е повикана на помош една од најдобрите компании за обработка на кожа, италијанската Шедони чија специјалност се кожените детали во автомобилите. Од БМВ велат внатрешноста е целосно рачно изработена. Тоа докажува колку големо внимание им се придава на тие 70 примероци. V8 моторот e сместен напред и ги задвижува двете оски преку познатиот уред „икс драјв“ од сопствено производство. Супериорната погонска единица со работна зафатнина од 4,4 л, развива солидни 720 КС со помош на двоен турбо полнач.

Со овој концепт и со претходните претставени на манифестациите како Конкурсот за елеганција Вила д Есте, БМВ го покажува сиот свој раскош и истиот го пакува во неколку примероци со цел да си ја зачува ексклузивноста и истакне нивната егзотичност. И сега кој е виновен за сето ова, односно обликот? Одговор – дизајнерскиот тим на БМВ на чело со Адријан Ван Хојдонк и секако тимот од конструктори. Инаку, БМВ е редовен поддржувач на изложбата Конкурс за елеганција Вила д Есте од 1999 година и воедно учесник со по некој автомобил. Дали концептите „сјактоп“ и „спидтоп“ ја претставуваат иднината на дизајнот на БМВ или пак тоа е дизајнот на концептот „вижн ное класе“ од 2023 год?

Како и на кој начин се порачува примерок од „бмв спидтоп концепт“, не знаеме, најверојатно директно во БМВ, но за подетални информации обратете се кај увозникот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.