BMW M3 CS-„МОЛЊА“ М 3 ЦС

01/02/2023

Минатата година надалеку познатиот оддел Моторспорт во сопственост на БМВ прослави 50 години од своето постоење. Во чест на годишнината од тој оддел излегоа неколку автомобили со ознака М, а сега на крајот од јануари беше претставен и долго најавуваниот „м 3 цс.

Што подготвил БМВ заедно со одделот Моторспорт? Како што умеат да кажат, спортски закоравена тројка со ознака „м“. Во неа е вградена најубавата погонска единица, бензинска со шест цилиндри во линија чијa зафатнина изнесува 3,0 литри. Тоа е тркачкиот бисер на БМВ, попознат од „бмв м 4 гт 3“ носителот на ДТМ титулата од минатата година, само што сега е спакувана во туристички автомобил.

Овој мотор е засилен со двоен турбо компресор кој му овозможува да развие 551 КС, додека максималниот вртежен момент изнесува 650 Нм. Со тие 551 КС автомобилот постигнува 100 км/ч за 3,4 секунди, додека крајната брзина е електронски ограничена на 300 км/ч (поточно на 302 км/ч). Не е сѐ до погонската направа и нејзините способности, туку и до конструкцијата на автомобилот. Лесните материјали како: карбонски влакна, магнезиум, титаниум, присутни на секоја педа од автомобилот, придонесуваат тежината да биде намалена за околу 35 килограми. Сето тоа го прави автомобилот лесно и прецизно да маневрира при големи брзини. Претходно кажаното е потпомогнато и од погонот на сите тркала преку кој може дополнително да се подесува. На пример, кога возачот ќе го вклучи преносот „4 вд спорт“ тогаш автомобилот има повеќе силина на задната оска и воедно возењето станува многу поостро. За тие што сакаат повеќе забава и кои умеат да возат остро со погон само на задната оска, БМВ им овозможува целосно исклучување на погонот на предната оска, така што сета силина се пренесува на задната оска, а за преносот на таа силина одговорен е осумстепениот автоматски менувач.

Март е месецот кога најбрзата тројка ќе влезе во продажните салони, а ќе се продава по цена од 110.000 евра. Постојано се нагласува органиченото производство, но челниците од БМВ сѐ уште не одговориле колку точно примероци се планирани од моделот „м 3 цс“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.