Првиот електричен „сув“ од баварската „работилница“ само што не влегол во продавница. Како основа за развој земен е концептот „вижн и некст“, а од одделот за односи со јавност најавуваат врвен производ, технолошки најнапредниот што досега излегол од фабриката. Производството е закажано за следната година во фабриката сместена во градот Динголфинг.
Дизајнот е повеќе од впечатлив и необичен за БМВ, односно за публиката затоа што не е навикната да го гледа во такво издание, со „издолжена“ маска. Сепак има еден детаљ, уште позанимлив, а тоа е шестоаголниот управувач. Да се биде единствен, да се разликува од останатите, или е нешто трето во игра? Велат хексагон управувачот бил подобар од класичниот, подобро се гледала таблата со инструменти и маневрирањето со него е поедноставно. Ако некогаш таквите облици беа својствени за Цитроен, сега и БМВ оди во таа насока. Според големината сличен е со димензиите од постоечкиот „икс 5“, што е повеќе од доволно за класата во која претендира да се вгнезди.
Два електромотори го задвижуваат првиот електро сув од БМВ чија вкупна силина изнесува над 500 КС. За таа силина БМВ вградил масивна 100 kWh батерија која овозможува изминување на растојание од 600 километри. При брзо полнење на батеријата, односно за 40 минути се полни 70 отсто, а при истото брзо полнење ако батеријата е приклучена само 10 минути, тогаш автомобилот ќе може да измине 120 километри. Многу сензори, многу електроника, многу најнова технологија, хексагон управувач и се разбира познатиот квалитет на БМВ.
Жарко Атанасоски