Покрај автомобилите, БМВ има и прва љубов а тоа се мотоциклите. Да така е, автомобилите се втора, а мотоциклите прва затоа што своето патешествие во светот на моторните возила БМВ го започна токму со мотоциклите. И сега како што времињата налагаат и како што технологијата оди напред, покрај автомобилите, производителите почнаа и во мотоциклите да вградуваат електричен погон.
Минатата година БМВ претстави концепт „це 04“ со кој го наговести неговото влегување во целосна еклектрификација на мотоциклите. Една година потоа БМВ излезе со официјални фотографии и на јавноста и подари сериски модел со исто име како концептот, „це 04“. Дизајнот е речиси сосема ист, односно само окото на конструкторите ќе приметат разлика помеѓу обликот на концептот и серискиот примерок.
Моторот е сместен во долниот дел од мотоциклот и располага со 42 КС и е способен мотоциклот од 0 до 50 км/ч да го понесе за зачудувачки кус период од само 2,6 секунди. Ова со забрзувањево е нешто како катапулт. Времето потребно да ја постигне брзината од 100 км/ч не ја следи линијата на тие 2,6 секунди. Вкупното време изнесува 9,2 секунди. Најверојатно истото е малку забавено од страна на производителот сè со цел за поголема безбедност, во спротивно „це 04“ ќе може комотно да се справува со автомобилите кои забрзуваат до 100 км/ч за не повеќе од 6,0 секунди.
Малку чуден дизајн, но се согласуваме дека е единствен во светот на двете тркала. Батеријата со едно полнење трае 130 км, а за истата да се наполни до 100% потребно е време од 100 минути, но само ако употребите 6,9 kW кабел за полнење.
Системот против блокирање на тркалата е сериски, додека „„абс про“ се добива со доплата. И „асц“ системот е сериски и оперира на ист начин како на мотоциклите со бензински мотор, додека динамичниот систем за што подобар контакт на пневматикот со асфалтот (динамик тракшн контрол) се добива, исто така, со доплата. Овој систем ја контролира состојбата при забрзувањата додека мотоциклот е наведнат, односно во свиок.
За зависниците од екрани осетливи на допир и мераклии на „таблети“, БМВ сериски вградил 10,25 инчен екран и сега желбата е задоволена. Екран голем колку тие во автомобилите. И сето ова ќе го добиете за скоро 11.000 евра.