BMW ALPINA XB7-ОД УБАВО ИМА И ПОУБАВО

23/09/2022

Зборот, односно името Алпина сме го сретнале повеќепати на различни места. Еднаш во автомобилската,  друг пат во индустријата за обувки, потоа во прехранбената итн. Што е најважно сите производи со тоа име се многу повеќе од солидно направени. Ни Алпина од БМВ не е исклучок. Алпина од автомобилската индустрија работеше независно, но од март годинава работилницата е во јатото од БМВ. Со овој потег БМВ сака да има целосен преглед врз Алпина и секако на почетокот да произведува барем три пати повеќе возила отколку Алпина кога беше самостојна. Колку за информација, Алпина годишно фризираше по околу 2.000 возила. БМВ ќе се грижи за продажбата и за производството кое од 2025 година ќе се одвива во неговите хали, а Алпина останува главна со развојот и сервисирањето на автомобилите.

 

Работилницата Алпина отсекогаш правела луксузни спортски лимузини и купе возила, најмногу од марката БМВ. Овој пат на ред дојде „фризирањето“ на веќе обновениот, модел „икс 7“. Најголемата и најзначајната доработка е во 4,4 литарскиот V8 мотор. Со умерениот хибриден уред, „бмв алпина икс б 7“ поседува 630 КС исто како супер спортските купе автомобили. Токму тука Алпина е врвна – оваа работилница отсекогаш била најдобра во доработка (фризирање) на моторот и секако спортскиот луксуз во одделот за патниците. Така „фризираниот“ „бмв алпина икс б 7“ постигнува забрзување од 0 до 100 км/ч за 3,9 секунди и постигнува максимална брзина од 290 км/ч. Силината се пренесува до сите тркала преку осум степен автоматски менувач и за што поголема стабилност задната оска носи диференцијал со ограничено пролизгување. На ова се надоврзува и воздушната амортизација која возачот може по потреба да ја подесува според неговите потреби.

Нема потреба во текстов да наведуваме каква опрема има во кабината и колкави се мониторите преку кои се следи работата на возилото и останатите нешта како интернетот и гпс, потоа аудио и видео уредите итн. Кога ќе се спомне името Алпина, а се работи за автомобил мора да знаете дека таа направа на четири тркала од БМВ добила посебно внимание од врвни „фризери“, така што добивате речиси тркачки модел, но со манири на господин каде на квалитетот и одбраните материјали не се штедело. Сериската „икс 7“ претставува луксузен „сув“, а „бмв алпина икс б 7“ е згора на тоа во секој поглед –  од убаво поубаво.

Дизајнот е тој, но задниот дел, како и секогаш, ја добива таа препознатлива посебност за возилата со името и ознаката Алпина. Сето ова е поставено на тркала со димензија од 21 инч, а за пакетот да биде безбеден при сопирањето, таа улога му е доверена на Брембо со неговите четири клипни диск сопирачки со радиус од 395 напред и 400,5 мм на задните тркала.

Алшина веќе прима нарачки, а првите испораки се очекуваат на почетокот на 2023 година.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.