BMW 2 SERIES COUPE-НОВО КУПЕ ОД СЕРИЈАТА „ДВОЈКА“

12/07/2021

Еве нè на уште една светска премиера овој пат на БМВ, во светот најпознат по своите лимузини со спортски дух и секако по купе изведбите. На ред беше моделот „2 купе“ по втор пат и веднаш да забележиме што видовме во првиот момент при средбата со најмалото купе во семејството – ја нема таа збунувачка (контроверзна) вертикално поставена маска присутна кај „тројката“. Тие два толку познати отвори на маската овој пат се, да речеме, во хоризонтала само што површински се поголеми отколку кај претходникот.

Ако првата генерација изгледа така малку ситно, мало, новава е подолга за дури 105 мм, поширока за 65, додека висината изгубила 28 мм. Тоа е знак дека БМВ водел сметка за спортската нота која е сега уште поизразена со пониското тежиште, а поголемите траги на тркалата заедно со поголемото меѓуоскино за 51 мм го прават автомобилот да добие дополнителна стабилност. Сега димензиите на новото купе се следниве, должина 4.573 мм, ширина 1.838 мм и висина 1.390 мм, а меѓуоскиното брои точно 2.741 мм, односно е зголемено за 51 мм. Само одделот за товар е останат ист како во досегашниот модел – 390 литри.

Втората генерација од „бмв 2 купе“ во себе има неколку погонски единици и сите се со турбо компресор. Ќе почнеме од најмалата „220 и“ чија работна зафатнина на четирите цилиндри во линија е еднаква на 2,0 литри. 184 коњски сили што ги поседува моторот се пренесуваат на задните тркала преку осумстепен автоматски менувач. Автомобилот со овој мотор забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,5 секунди, што е за 0,3 секунди поспоро од претходната генерација, но тоа се должи најверојатно на зголемената тежина за 120 кг, што е недозволиво кога е во прашање нова генерација. Сега купето тежи 1.490 кг. Овој подмодел ќе биде стандардно опремен со пакетот „м спорт“ каде составен дел е „м спорт“ суспензијата. Потоа на ред е „230 и“ и убедливиот „240 и икс драјв“, а нема да изостане ниту тој со 3,0 литарски мотор заедно со неговите 388 КС. За уметничкиот впечаток да биде што поубедлив во изведбата со ознаката „м“ БМВ ќе го вградува 3,0 литарскиот мотор со двоен турбо компресор со чија помош развива 510 КС (во м тројката и четворката), а за „двојката купе“ можно е да биде малку олабавен на околу 420 КС. Но да не нагаѓаме и да видиме што БМВ официјално ќе претстави во периодот што доаѓа.

Новиот модел има поголема торзиона цврстина и има идеален распоред на тежината напред назад во сооднос 50:50. Овие две нешта го прават возилото да биде пооштро во управувањето и да има подобрени возни својства. Од опрема има 12,3 инчна дигитална табла со инструменти и 10,25 инчен централно поставен екран осетлив на допир, потоа аудио уред од марката Харман Кардон со 16 звучниц, стаклен покрив, тризонски клима уред и седишта прекриени со квалитетна кожа итн. Е сега некои нешта се сериски, а за некои треба да доплатите. Продажбата ќе започне некаде на есен.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.