КОЛКУ Е ДОБРО, ТОЛКУ Е И ЛОШО. ДОЛГОТО ИЗЛОЖУВАЊЕ НА СОНЦЕ МОЖЕ МНОГУ НЕГАТИВНО ДА ВЛИЈАЕ ВРЗ ЧОВЕКОТ. НАЈЕДНОСТАВНА И НАЈДОБРА ЗАШТИТА Е ДА ГИ ИЗБЕГНЕТЕ ПЛАДНЕВНИТЕ ЧАСОВИ. АКО ТРЕБА ДА ИЗЛЕГУВАТЕ, ТОГАШ ОБЛЕЧЕТЕ УДОБНА ОБЛЕКА СО СВЕТЛИ БОИ, А ЗА ОТКРИЕНИТЕ ДЕЛОВИ ОД ТЕЛОТО КОРИСТЕТЕ СООДВЕТНИ КРЕМОВИ. ТАКА ВЕЛАТ ЛЕКАРИТЕ
Топлиот период од годината сите ги радува, сонцето е симбол на убавината, доброто, веселото. Поинакво е расположението кај луѓето кога е сончево отколку кога е облачно. Летото е во тек и многумина сè уште размислуваат каде ќе одат, кога, како ќе го поминат летниот одмор итн. Во севкупната „паника“ сонцето има главна улога. Колку што сонцето носи со себе погодности, толку носи и нешта што не се воопшто убави.
Витаминот Д се создава со помош на сонцето, затоа изложувањето на сонце е неопходно, но тоа мора да биде во кратки временски периоди, не повеќе од 10 минути. Некогаш оваа временска граница беше многу поголема, но денес е поинаку од пред 30, 40 и повеќе години. Велат сонцето не било исто тогаш и сега. А на ова „прашање“ најдобар одговор даваат научниците што се занимаваат со проблематиката за и околу озонската обвивка околу планетава. Таа озонска обвивка го спречува навлегувањето на штетните ултравиолетови зраци од сонцето, а денес тие допираат до површината на планетата. Така е затоа што озонскиот штит попуштил благодарение на загадувањето на атмосферата. Поради тоа на неколку места се појавиле големи отвори во озонската обвивка наречени озонски дупки. Тоа ултравиолетово зрачење негативно влијае врз непокриените делови од човековото тело, поточно кожата. Токму таа кожа е многу чувствителна на ултравиолетовото зрачење и лекарите советуваат да се заштитиме. Кожата е орган што многу „помни“, ако лошо се однесувате со неа, таа со лошо ќе ви врати, а ако ја негувате, таа ќе возврати со убавина и одложено стареење. Долгите изложувања на сонце ја сушат кожата и тоа предизвикува нејзино побрзо стареење, односно создавање брчки. Луѓето што живеат во предели каде што влажноста на воздухот е постојано зголемена, изгледаат млади и на 50-60-70 години бидејќи стареењето и создавањето брчки е многу забавено. Посебно на Далечниот Исток, тамошните жители изгледаат помлади отколку, на пример, жителите од континентов. Значи, тајната е во хидратацијата на кожата. Помала влажност побрзо стареење, а постојано навлажнување на кожата придонесува за свеж и здрав изглед и нема брчки. Тоа беше за естетскиот дел, но има еден што е премногу опасен по здравјето на човекот. Затоа медицинските лица предупредуваат за штетното влијание на сонцето и постојано ја известуваат јавноста која мора да ги почитува советите за да се заштити. Ако изложувањето на сонце трае премногу долго, особено на пладне, тогаш ултравиолетовото зрачење може да предизвика заболување на кожата, односно канцер. Каква заштита препорачуваат лекарите? Да не се излегува на пладне кога зрачењето е најсилно. Најдобро е сите работи да се завршуваат наутро најдоцна до 10:30 часот, а потоа до 17:30 часот да не се престојува на сонце. Најдобра заштита се кремовите со фактор 50 и носење удобна облека со светли бои, сламена шапка, капа и очила против сонце. Долгото изложување на сонце и високите температури предизвикуваат топлотен удар кај човекот. Тоа може да ви се случи и доколку патувате кога надвор е најтопло. Не спасуваат ни клима-уредите затоа што таблата е жешка како рингла, исто како и покривот. Избегнете патување во најтоплиот дел од денот. За време на тие пладневни часови одморете некаде под сенка и потоа продолжете со патувањето. Со тоа ќе си направите услуга и себеси, но и на сопатниците. При патување најдобро е да пиете вода со неколку капки лимон, но никако сокови (газирани и негазирани) зашто содржат преголемо количество шеќер и не ја гаснат жедта.
Пред да возите најважно е да се наспиете, да јадете и дури потоа да седнете зад управувачот. Во спротивно, сè ќе ви пречи, а најмногу топлината што ќе ве тера да задремете. Во таква состојба не ве спасува никакво кафе, цигари или нешто слично, туку само добар сон, а потоа јадење по желба, вода и возете по 17:30 часот. Кога ќе се стемни, одморете некаде во некој мотел, пансион, приватно сместување. Можеби овие совети сте ги слушнале безброј пати, но лекарите ги препорачуваат, а ние само потсетуваме.