Безбедни на пат-ЕСЕН, СУВИ ЛИСЈА, ДОЖД И АСФАЛТ

02/12/2020

ПНЕВМАТИЦИТЕ ОСТВАРУВААТ НАЈДОБАР КОНТАКТ СО АСФАЛТОТ КОГА И ЕДНАТА И ДРУГАТА ПОВРШИНА СЕ ЧИСТИ. ТАКВИ МИГОВИ ИМА, НО ТОА СЕ САМО МИГОВИ, А НАМ ПОСТОЈАНО НИ СЕ ПОТРЕБНИ ДОБРИ УСЛОВИ ЗА БЕЗБЕДЕН СООБРАЌАЈ. АКО Е ТАКА, ТОГАШ ТАА БЕЗБЕДНОСТ МОРА ДА ЈА СОЗДАДЕМЕ СО ВНИМАТЕЛНО ВОЗЕЊЕ И НАМАЛЕНА БРЗИНА.

Почетокот на студениот период од годината со себе носи многу сув материјал, главно, од растителниот свет. Како што заладува, така вегетацијата венее, се суши и се распаѓа. Дел од тој материјал, најмногу суви лисја, доаѓа и до асфалтните површини. Сето тоа заедно со правта што кај нас ја има во изобилие, прават една „убава“ прекривка. Мешавината од прав и суви лисја и друг сув материјал од природно потекло претставува одреден вид препрека за движење на моторните возила. Ако тој материјал прими влага преку маглата, ниската облачност или ако заврне, тогаш добиваме лизгави коловози.

Прекриениот асфалт со споменатиот материјал не дозволува пневматиците од моторните возила да имаат директен контакт со подлогата – асфалтот. Губењето контакт со асфалтот придонесува за неконтролирано движење на возилата. „Лек“ за оваа ситуација е намалување на брзината и внимателно возење. Почнавме со сувиот материјал што ги прекрива улиците и патиштата, а продолжуваме со есенските дождови, појава што, исто така, негативно влијае врз безбедноста во сообраќајот.

Влажниот асфалт е втора причина да се вози со помала брзина и крајно внимателно затоа што се лизгави сите површини прекриени со вода. Сушењето на асфалтот оди многу побавно поради ниските температури, така што влагата е присутна во подолг временски период, со денови.

Да кажеме асфалтот е веќе сув и сега возењето е многу побезбедно, но тоа не е причина да возите олабавено. Во природата има места каде што движењата на воздушните маси се намалени и каде што дневната светлина, односно сонцето е присутно многу краток период од денот или воопшто го нема. Токму таму влагата се задржува подолго време. Ако на тие места е присутен асфалтот, тогаш тој задолжително ќе биде влажен, а тоа не е добро. Замислете возите по сув асфалт, времето сончево и во наредниот свијок изненадување, одеднаш патот е влажен. Тоа е осојница и при влегување во такви места со поголема брзина нештата може да бидат придружени со несакани последици, но и со катастрофални. Осојници најчесто се сретнуваат во планинските предели и поретко на други места. Кога влегувате во автомобил, сите проблеми се зад вас и вашето внимание е концентрирано исклучително на возењето. Ако вие сте концентрирани и внимателни, возењето по влажен коловоз нема да претставува никаков проблем, но во случај на олабавеност и невнимание можни се сите сценарија.

Влажниот коловоз може да биде уште поопасен доколку температурите се ниски, а во такви услови водата од течна минува во друга агрегатна состојба, односно мраз. При добри временски услови со ведро небо и многу сонце, но со ниски температури, осојниците се претвораат во спуст патеки најпогодни за скијачите, а не за автомобилите, возачите и патниците. Можеби патната сигнализација покажува максимално дозволена брзина е 80 км/ч, но тоа не значи дека вие секогаш треба да возите точно со 80 км/ч. Условите на патот ја диктираат безбедната брзина. На места каде што условите на патот не се оптимални потребно е да ја намалите брзината, а тоа да го направите и при влегување во свијоци. Тие услови на патот во планинските предели не се секојпат оптимални. Дури и среде лето планинските патишта кријат многу непредвидливи ситуации, особено кога е во прашање влажноста. Патот во близина на извори, поточиња и потоци „знае“ да биде влажен и затоа од возачите се бара да бидат присутни со умот, а не да сонуваат будни и да се караат во себе со мислите и со проблемите од секојдневјето.

Вашиот автомобил, колку и да е подготвен за секакви предизвици, сепак науката не отишла дотаму да измисли пневматик што успешно воспоставува контакт со асфалтот и кога е прекриен со вода или прав и суви лисја. Имајте го предвид овој детаљ затоа што вие, возачите, сте најодговорни за новонастанатите ситуации во кои најчесто вашето возило излетува од патот и тоа поради возење со поголема брзина на влажен или подмрзнат коловоз. Ништо не менува тоа дали ќе пристигнете 20 минути порано или 20 минути подоцна, но затоа менува многу нешта ако возите брзо на валкан асфалт. Во тие мигови преземате голем ризик да се најдете во некој ендек или нива крај патот.

За да бидете сигурни дека влажниот коловоз е навистина лизгав, може многу едноставно да проверите. Обидете се да одите со побрз чекор на влажен тротоар прекриен со лисја. Плоштадите ни се прекриени со убаво измазнети плочки, потрчајте малку кога ќе почне да врне. Влажниот асфалт е понесигурен ако возите со поголема брзина, но што ќе се случи ако наидете на замрзнато место? Мостовите се најризични места, исто како осојниците. Поради постојаното струење на воздухот, влагата на асфалтот многу лесно може да се претвори во мраз, особено кога температурите се ниски. Штом се приближувате до мост, намалете ја брзината и возете внимателно. Таквиот начин на возење го намалува ризикот од извртување, неконтролирано движење и излизгување од патот. Покрај внимателното возење и приспособувањето на брзината според условите на патот, има уште еден детаљ од суштинско значење, а тоа е да не се садат дрвја во близина на пат, но ако веќе треба да бидат засадени, тогаш треба да се на соодветно растојание од патот, со цел нивните суви листови да не паѓаат на асфалтот. Секако дека патиштата мора да бидат направени со соодветен пад и со странични бразди, за да може водата побрзо да истекува од асфалтот заедно со правта и материјалот.

И уште едно – без оглед на годишното време, возете побавно кога ќе почне да врне. Во првите минути асфалтот сè уште не е измиен, односно правта заедно со првите капки дожд формираат супер лизгава подлога. Особено внимавајте на ситниот дожд бидејќи тој не е во состојба да го измие асфалтот од нечистотии, туку заедно со правта, сувиот материјал и сувите лисја учествува во создавањето на таа супер лизгава подлога. А кога зборуваме за снежната покривка, тогаш зимските пневматици ќе ви бидат од голема помош, но понесете и синџири и една мала вреќичка со песок за да ви се најдат ако случајно заглавите.

 

Љубомир Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.