Развојните почетоци на автомобилската индустрија, особено во италијанската, се одвивала во мали работилници, а нивниот број бил прилично голем. Само во Торино и околината во првите три децении од ХIХ век имало повеќе од 100 работилници за изработка на автомобили. Можеби бројката ве изненадува, но таа е вистината, на Апенинскиот Полуостров секој град, секое населено место имало многу работилници за изработка на автомобили. Во тоа време купувачите оделе во работилниците и ако не сакале да купат веќе направен автомобил, се договарале со конструкторите каков мотор да биде вграден, на која шасија да биде направен автомобилот, учествувале во создавањето на обликот итн. Ете какви биле почетоците на автомобилската индустрија во земјата која денес може да се пофали со богата автомобилска традиција и историја.
Нешто слично започна да прави и штотуку отворената работилница Бермат основана од Матео Берцетоло, а името е „кованица“ од првите букви од презимето и името на сопственикот. Првиот автомобил од оваа работилница, „бермат гт“, сака да го долови тој миг на создавање купе возило заедно со купувачите. За работата да биде целосна, работилницата лоцирана во малото место Роверато, посветила многу внимание на традицијата при изработка на сопствениот гран туризмо автомобил. Не е само учеството на клиентите во создавањето на автомобилот, туку има и вткајување на страста и на љубовта кон автомобилите.
Дизајнот е од Камал Студио, а при создавањето на автомобилот учествувала компанијата ЈАС Моторспорт. Автомобилот има две изведби, една наменета исклучиво за тркачка патека, „гт писта“, а другата е туристичка. Тркачката изведба е долга 4,6 метри, широка 2,0 м и висока 1,2 метри со меѓуоскино растојание од 2,6 м. Само 1.100 кг распределени на силина во распон од 320 до 400 КС, во зависност од изведбата. Таа моќ е извлечена со помош на турбина од реден четирицилиндричен мотор со зафатнина од 2,0 литри, а се пренесува на задните тркала преку шестстепен автоматски менувач. Засега е познато забрзувањето од 0 до 100 км/ч, околу 4,0 секунди, додека крајната брзина и цената сè уште се непознати. Првиот примерок ќе биде официјално претставен пред јавноста наредната година и веднаш испорачан на сопственикот. Компанијата Бермат најавува и скорашно електрифицирање на нејзините изведби „гт“ и „гт писта“.