Барселона – ЕДИНСТВЕНА ДУША КОЈА ЌЕ ВЕ МАГЕПСА СО СВОИТЕ ЗВУЦИ И МИРИСИ

12/09/2019

АКО БАРАТЕ ШАРМ И ЕНЕРГИЈА ОД ЕДЕН ГРАД ШТО ДОЛГО СЕ НОСИ ВО СРЦЕТО, ТОГАШ БАРСЕЛОНА Е ТОКМУ ТОЈ ШТО ОБЕДИНУВА СE ВО СЕБЕ. ВО НЕГО НА СЕКОЈ ЧЕКОР СЕ ПРЕПЛЕТУВААТ МЕДИТЕРАНСКИОТ ДУХ И КУЛТУРА, ОГНЕНИОТ ФЛАМЕНКО И РАЗНОБОЈНОСТА, ЖИВОПИСНИТЕ ПАЗАРИ И УЛИЦИ, ДОЛГИТЕ ПЕСОЧНИ ПЛАЖИ И МАГИЧНАТА ФОНТАНА ШТО ПЕЕ И ИГРА.

 

Прекрасната и живописна Барселона е втор по големина град во Шпанија и во метрополската област на градот живеат помалку од 5 милиони жители. Таа е главен град на Автономната заедница Каталонија и седиште на главните управни органи на таа област. Сместена е на брегот на Медитеранот и за нејзиното настанување има неколку легенди – дека е изградена од митскиот јунак Херкул или, повеќе прифатената, дека е населба изградена од картагинскиот водач Ханибал во третиот век пред нашата ера.

Со своето богато културно и историско наследство овој втор најголем град во Шпанија не престанува да ги фасцинира туристите од цел свет. Настаните со светско значење – Летните олимписки игри во 1992 година и Светската изложба на слики од 1888 и од 1929 година – придонесоа овој град да стане една од најважните европски и светски дестинации.

Барселона им нуди можности на туристите пешки да ги посетат деловите од градот што се од туристичко значење, како што се остатоците од римската култура, средновековниот град и квартовите на каталонскиот модернизам. Барселона се карактеризира со урбана поделба на блокови, со долги улици што целосно го поврзуваат. Најдолгата улица е една дијагонална авенија, која го пресекува градот од северозапад до морскиот брег на југоисток.

Позната како градот на еминентниот архитект од почетокот на дваесеттиот век – Антонио Гауди, Барселона е место каде што времето никогаш не запира, се живее во силниот ритам на преполните пазари, хаотичните улици, но и тивките и мирни плоштади, преполните кафулиња и барови, јадењето тапас, шетачите по барселонските плажи или туристите што сакаат по секоја цена да се вклучат во таа единствена атмосфера.

Главни туристички атракции во градот секако се делата на Гауди. Покрај куќата на фамилијата Батло, станбената зграда „Ла Педрера“ (La Pedrera – така е наречена затоа што личи на ситно камче од некоја плажа), „Света фамилија“    (Sagrada Familia – започнато, но незавршено дело на славниот архитект), едно од главните места за посета е паркот Гуел (Park Guell) што Гауди го конструирал како место за релаксација на семејството на богатиот индустријалец со исто име. Инаку, во Барселона има 68 општински паркови, поделени во историски, тематски или ботанички паркови, урбани паркови и паркови во шуми.

Паркот Гуел бил граден од 1900 до 1904 година и се наоѓа на листата на УНЕСКО за заштитени споменици. Влезот во паркот изгледа речиси како од сон или како во бајка – на самиот влез има две куќички што буквално личат на куќичката на вештерката од Ивица и Марица, т.е. изгледаат како да се направени од слатко. Како и другите дела на овој архитект, така и во паркот преовладуваат органските форми, а очигледен е спојот меѓу природата, уметноста и применетите уметности. Исто како и куќата на фамилијата Батло и неговите други куќи или згради, неговата филозофија што го тера да користи материјали како стакло, ковано железо, дрво, е применета со цел да се добие порелаксиран, а во исто време и подинамичен простор за живеење, просторија што „дише“. Генијалните дела на овој архитект се распослани насекаде низ градот. Во тој контекст, секако посетителот би требало да одвои време за веќе споменатите згради. Негово најпознато дело е катедралата „Света фамилија“. Само еден дел од фасадата е направен за време на животот на Гауди (кој загинал во сообраќајна незгода), а тоа е оној дел каде што фасадата личи на шпанска тантела закачена на некоја средновековна катедрала. По неговата смрт, градот и властите означиле посебна архитектонска комисија што требала да ја заврши катедралата според оригиналните скици на Гауди.

Задолжително посетете ја и Магичната фонтана, спектакл на вода, светлина и музика, едно од најпознатите места во градот со неверојатни 2,5 милиони посетители годишно. Одвојте време да го посетите музејот Пикасо, но и да шетате по улицата „Ла Рамбла“ (La Rambla), која ја опиша шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка, велејќи: „Тоа е единствената улица во светот што посакувам да нема крај.“

Ако ви дозволи времето, прошетајте на познатиот пазар „La Boqueria“ („Бокери“). Ќе ве воодушеви бидејќи тука овошјето и зеленчукот се наредени како на најубава разгледница. Експлозијата на бои на овој познат градски пазар изгледа зачудувачка и сосема е можно тука да видите разновидност на овошје и зеленчук каква што никогаш не сте виделе.

Барселона, исто така, може да се пофали со голем број музеи. Блиску до центарот на градот и до главната улица „La Rambla“ се наоѓа музејот на Салвадор Дали и на Пабло Пикасо (роден барселонец), потоа тука е поморскиот музеј на Хуан Миро, невообичаениот музеј на современа уметност, како и националниот музеј на каталонската уметност. Барселона е вистинско место за гурманите затоа што има голем број ресторани – од оние што ги негуваат традиционалните јадења до егзотичните азиски кујни. Одлични ресторани има низ цела Барселона, но ако сакате да пробате автентична шпанска кујна, препорачуваме да одите малку подалеку од центарот на градот, како и да ги посетите помалку туристичките делови на градот. Дефинитивно треба да ги вкусите и најдобрите шпански вина. Покрај сите знаменитости и атракции на градот, не заборавајте да одите на фламенко вечер и да уживате во шпанските национални игри и неизбежната сангрија. Гостопримството на домаќинот, добрата храна и виното ќе го направат вашето патување незаборавно.

За подобрите ресторани е потребна резервација што може да ја направите сами или да побарате туристички водич за да ви помогне. Ако имате време за само една вечера во Барселона, резервирајте го вашиот оброк во ресторанот „Gresca“ каде што може да најдете различни традиционални јадења од шпанската и каталонската кујна, но и да го пробате најдоброто суфле од јајца. Ова место е многу популарно и може да не најдете слободна маса, па вториот предлог е „Etapes“ бидејќи тоа е познато по импресивните традиционални јадења и едно од омилените места на младите Каталонци, а тука се и „Tapac24“ и „Euskal Etxea“. Ако, пак, сте веган или вегетеријанец „Teresa Carles“ ќе биде ваше омилено место.

Барселона е позната како град кој спие попладне, а во текот на ноќта нуди забава на еден сосема поинаков начин. Тоа е град кој ќе ви го понуди најдобриот ноќен живот во Европа – од салса клубови до хип хоп и џез клубови. Во овие клубови не се доаѓа пред два или дури три наутро, а лудата забава не завршува до седум или осум наутро. Меѓу најпознатите клубови се „La Terrazza“, „Sala Apolo“, „Club Mojito“, „Razzmatazz“ и „Otto Zutz“.

Медитеранскиот дух измешан со зградите на Гауди ја прави Барселона привлечна во текот на цела година. Не пропуштајте ги долгите песочни плажи во градот, каде што дури и локалното население обично застанува по работа.

Откако ќе го истражите овој прекрасен град, не заборавајте да се освежите во „шпанското“ море. Бидете слободни и почувствувајте ја Барселона, нејзината единствена душа и оставете ја да ве маѓепса со своите звуци и мириси… •

 

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.