Автомобилска изложба Њујорк 2022-НОВИТЕ ВОЗИЛА СЕ ВРАТИЈА ВО ХАЛИТЕ

03/06/2022

НА ДРУГАТА СТРАНА ОД АТЛАНТИКОТ, ВО ЊУЈОРК, ПО ДВЕ ГОДИНИ ПАУЗА, ОРГАНИЗАТОРОТ ПОВТОРНО ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ ЗА ПОСЕТИТЕЛИТЕ И ТОА БЕЗ ЗАШТИТНИ МАСКИ

 

Њујоршкиот Салон за автомобили е еден од трите најважни на американско копно, но далеку од тој што се одржува во Лос Анџелес и од престижната изложба во Детроит. Њујоршката автомобилска манифестација е трета или четврта по важност на американска територија. Следната изложба треба да се одржи во Детроит, но иако беше најавена за летово, сепак е презакажана за наесен поради проблемите со коронавирусот.


По две години Њујорк повторно заживеа со изложбата на автомобили, а новите возила се вратија во халите. Овој пат присуството на европските беше поголемо од претходните изданија и најверојатно интересот за американскиот пазар се зголемил за време на паузата. Домашниот терен и натаму беше зафатен од возилата на Форд, Крајслер и ГМ. Највпечатлив беше Форд со моделот „бронко“ во „раптор“ изведба, со 3,0-литарски V 6 мотор и двоен турбокомпресор, а сѐ ставено на дури 37-инчни тркала. Покрај овој „џамбо“ модел, Форд го претстави и „ф-150 лајтнинг“ што од 0 до 100 км/ч забрзува за четири-пет секунди. И да не го заборавиме „форд гт холман муди едишн“, посветен на победата во 1966 година на легендарната трка 24 часа Леман.


Тука се претстави и Џип со џамбо моделите – „џип вагонер“ и уште подолгиот „џип вагонер л“ со поголемо меѓуоскино растојание. Двете изведби имаат силен мотор со шест цилиндри.
На оваа дружина на поголеми возила ѝ се придружи и Нисан со моделот „патфајндер рок крик едишн“, изведба со која идните сопственици ќе можат послободно да се движат надвор од асфалтот. Покрај посебната изведба на „патфајндерот“, Нисан го претстави рестилизираниот „лиф“, стар повеќе од четири години. Најмногу „подмладувања“ се направени на школката, а другото е непроменето. Интересен настап имаше и новиот „нисан з“, до перфекција балансирано купе со сосема солиден мотор и пренос. За него велат дека сега е едно од најдобрите купе автомобили на светскиот пазар според цената и тоа што го нуди.
И Киа имаше што да покаже од џамбо моделите, односно го претстави најголемиот сув „телјураид“ со три реда седишта, погон на сите тркала и со нови детали во внатрешниот и во надворешниот дизајн. Но во однос на привлечноста мора да се спомене радикално изменетиот модел „ниро“ со облик инспириран од дизајнот „хабаниро“.


Тојота дојде во Њујорк со целосно електрифицираниот „бз 4 икс“, за кој велат дека е прв масовно произведуван модел со кој производителот ќе оди да ги освои сите континенти.
Меѓу највпечатливите претставници од континентов беа БМВ со најголемиот од семејството „икс 7“, потоа Алфа Ромео со моделот „тонале“ и новопечената марка Деус со својот прв модел „вејен“. Алфа Ромео се пофали со „тоналето“ и треба да се види како ќе се однесуваат Американците кон овој СУВ. Ова е прво претставување на производителот по пауза од шест години. БМВ „гази“ на сигурно. Луѓето преку Големата бара сакаат сè што е  големо, гломазно и масивно, а производителот го нуди токму тоа, најголемиот од семејството „икс 7“ во обновена изведба.


„Деус вејен“ е целосно електрифицирано купе од категоријата хипер автомобил. Според брзинските способности на купето, до 100 км/ч забрзува за  1,99 сек. и постигнува 399 км/ч крајна брзина. Производителот тргнал на Мате Римац и неговата „невера“. „Деус вејен“ има 2.169 КС, а „римац невера“ 1.914 КС, но при забрзувањата „невера“ е побрза, до 100 км/ч потребни ѝ се само 1,84 сек.
Мерцедес типува на електриката и тоа со најновата основа (архитектура) на која е правена лимузината „е ку с“. Бидејќи светов многу сака СУВ возила, Мерцедес го понуди моделот „е ку с“ во СУВ издание.
Виетнамците со производителот Винфаст дојдоа со моделите „вф 8“ и „вф 9“. Тие сакаат да му донесат на светот нешто ново, пред сè, квалитетно и за цена значително поприфатлива отколку на познатите марки.

Со должно внимание ќе го спомнеме и „субару в р икс“. Наново дотерана шасија на сосема нова основа. Од шестцилиндричен боксер мотор со зафатнина од 2,4 литри се извадени 271 КС. Погон на сите тркала, шестстепен обичен или новиот „субару перформанс“ автоматски менувач.

Времето ќе покаже дали годинава ќе се одржи настанот во Детроит и дали организаторите од НАИАС ќе ја применат формулата на организаторите од франкфуртската манифестација – секоја година изложбата да биде во друг град?

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.