Новата година со себе носи многу нови нешта, а меѓу нив и нов тркачки автомобил од „ергелата“ Ауди. Конструкторите работеле напорно посебно во втората половина од минатата година за крајот да го крунисаат со нов тркачки автомобил „рс 3 лмс“. Тоа е автомобил кој го предводи спортскиот оддел на производителот. Наменет е за трките со туристичките автомобили („тцр“) на светско ниво. „Ауди рс 3 лсм“ ќе имате прилика да го видите на 24 национални и регионални првенства, но и во меѓународни трки од највисок ранг, а и во трките на издржливост. Новиот автомобил има помеки линии и малку позаоблени површини кои водат кон подобра аеродинамика од претходникот. Предниот дел е сосема поинаков, со поголеми всисници за воздух кои сега подобро го снабдуваат системот за ладење и дисковите од системот за сопирање со свеж воздух.
Автомобилот поседува реден четирицилиндричен мотор со зафатнина од 2,0 литри со два радијатори за контрола на температурата кои се поставени еден врз друг. Според производителот моторот во „ауди рс 3 лсм“ поседува 340 КС кои се пренесуваат до погонската оска преку шестстепен секвенцијален менувач со двојна спојка, полесна за 800 грама од претходниот модел. Сиот тој склоп е така направен да можат механичарите да го заменат за многу кусо време.
Вреди да се спомне аеродинамиката, односно деловите со кои се подобрува аеродинамиката, кои се обликувани исклучиво со компјутерската техника – не користеле аеродинамичен тунел. Ова се случува за првпат во одделот Ауди Спорт. Одговорните се надеваат дека новиот тркачки автомобил ќе биде најмалку исто толку успешен како и претходникот кој беше продаден во 180 примероци низ целиот свет, што е многу повеќе од планираното и сега сакаат повторување на успехот.
Жарко Атанасоски