Луксуз во лимузинска купе изведба со сиот свој раскош сместен во 5,0 метри должина, ширина 1,96 и висина 1,41 метар или купе со четири врати, пет метри должина и висина од само 141 сантиметар. Лимузината со своите димензии потсетува на амерканските за кои владее правилото колку подолга толку подобро. Не е само луксузот и раскошот за претставување, тука дизајнот, погонот, најновите електронски безбедносни системи и уште еден куп други работи. Ауди зазема посебен став кон идниот дизајнерски правец во кој ќе се најдат сите модели што следат, а погонот кој го има лимузината ќе биде основа за развој на идните погони. Колку за потсетување, пишуваме за електричен погон кој ќе го користи купе лимузината наречена „ауди е трон гт“ и „ауди е трон гт рс“.
Дизајнот е погоден, агресивен, купеовски дотеран, со маска која како да сака да ја покаже доминантната улога на производителот во светски рамки, додека задниот дел е само надополнување на претходно опишаниот првичен впечаток. Овој пат дизајнерите дале облик кој само малку ја доловува елеганцијата на лимузината, но затоа спортската нота е нагласена до крајни граници. Дури и седиштата на возачот и совозачот се ниско поставени исто како во типичните спортски купе автомобили. Електричниот погон се наоѓа на секое тркало со вкупна силина од 476 КС за моделот „е трон гт“ и 598 КС за „е трон гт рс“. Со едно полнење на батеријата возилото изминува скоро 500 км (487).
Според динамиката на возење и удобноста на автомобилот така се „кроени“ сите системи во него почнувајќи од трикоморното пневматско подвозје заедно со контролираната амортизација, управливоста на сите тркала и блокада на задниот диференцијал. Сето тоа умее така добро да се „навие“ за автомобилот да влегува и излегува во и од свиоците како да оди по шини и секако да биде што е можно постабилен при големи брзини на правците.
Коефициенот на отпорот на воздух е 0,24 што е битен чинител, подобра аеродинамика повеќе заштеда на „погонското гориво“ и обратно. Сепак, на пеглањето му нема крај, одговорните во одделот за дизајн можеле да постигнат поголема ефикасност, но тоа останува да го сторат во некое свое следно издание.
Сега си поставуваме едно прашање, ова ли е новиот правец на гран туризмо автомобилите? Неговиот „клубски колега“ Порше неодамна лансираше електрична купе лимузина, „тајкан“, со слични димензии и сличен облик, купе лимузина со четири врати.