Како и секогаш, така и овој пат Ауди ја претстави својата најпопуларна лимузина, „а шестка“. Отсекогаш Ауди имал супериорна лимузина во средната класа, а купувачите умеат да го почитуваат трудот на „четирите прстени“.
Лимузината е долга точно 4.999 мм и има растојание меѓу оските од 2.927 мм, а одделот за товар располага со зафатнина од 492 литри. Фотографиите кажуваат многу повеќе од пишан текст за обликот на новата „а шестка“, така што нема ништо да спомнеме за и околу дизајнот, но можеме да го додадеме коефициентот на отпор на воздухот кој изнесува завидни 0,23, а од Ауди велат дека ова е најиспегланата „шестка“ досега.
Грев е да се опишува внатрешноста и да се коментира удобноста во лимузина од премиум класата. Самото име на класата во која е „а шестката“ кажува сѐ. Во таа премиум класа, нема нешто што нема. Пред сѐ и над сѐ, лимузините се правени да бидат удобни и да имаат солиден простор, како на предните така и на задните седишта. Лимузините една и единствена улога, да бидат удобни и точка. Е сега замислете колку внимние е вложено во лимузина од премиум класата.
Единствено можеме да коментираме за суспензијата со воздушни перници. Изведбите со вакво обесување на тркалата, нивната најниска точка е поблиску до подлогата за 20 мм во однос на изведбите со класичната суспензија. Кога возачот ќе го одбере спортскиот начин на возење, тогаш воздушните перници ја спуштаат шасијата за дополнителни 10 мм. Колку пониско тежиште толку постабилен автомобил – така е тоа во физиката.
На почетокот Ауди нуди три погонски единици, две бензински и една дизел. Таа бензинската со зафатнина од 3,0 тфси (367 КС), нема умерена хибридна 48 волтна технологија. Оваа технологија именувана како „мхев плус“ и е вградена во 2,0 тди со 204 КС и во 2,0 тфси со 204 КС. Хибридниот систем овозможува возење со помош на „струјата“ кога возилото се движи споро, а кога тоа возило претркува друго или тргнува со повеќе силина, тогаш тој систем дава дополнителни 24 КС и 230 Нм. За надополнување со електрична енергија се грижи посебен оддел во него кој ја прибира кинетичката енергија при употреба на сопирачките. На таков начин може да има дополнување најмногу дo крајни 24 kW.
Задната оска се врти во насока на предната кога лимузината влегува пооштро во свиоците, а кога е на паркинг или се пробива низ тесни улички, тогаш задната оска се врти во спротивен правец за лимузината да може да се измолкне и од „иглени уши“.
Со „а шестка“ нема играње, тоа е лимузина со традиција која влече корени дури од моделот „100“, но и од моделот „200“ наменет за пазарот преку „големата бара“. Традицијата и умеењето е тоа што е длабоко вткаено во лимузините на Ауди и ова што беше претставено пред два – три дена, тоа е само продолжение на претходно кажаното – негување на традицијата и знаењето. Прашање е на денови кога новата „а 6“ ќе се најде во продажните салони. Цена? Увозникот ви е на располагање 24/7/365.