Додека едни произведуваат спортски, а други семејни, теренски и други видови возила, компанијата Арајвл разви прототип возило наменето за градски превоз на патници. Идејата за ова возило била споделена со компанијата Убер Драјвер и со заеднички сили прототипот бил готов за шест месеци. Бидејќи сега во мода се електричните возила, овој прототип ја користи токму електричната енергија за почист, градски превоз без чад.
Прототипот „арајвл кар“ е еднопросторно возило со димензии колку тие на автомобилите од сегментот „ц“ или околу 4,3 м должина, само што е малку повисоко. Според фотографиите возилото има чисти и едноставни линии, безмалку како кутија, но токму тој облик ја нагласува пространоста во кабината, но и аеродинамиката. Нискиот коефициент на отпор на воздухот отсекогаш помагал во заштедата на електрична енергија. Затоа аеродинамиката е важна кај овој тип возила (за градски превоз), бидејќи годишно изминуваат околу 50.000 км. Заштедата од електрична енергија поради поволната аеродинамика е скромна, но сепак тоа количество енергија на некој начин е големо затоа што изминатите километри се многу. Тоа е одговорот на прашањето зошто возилата треба да имаат добра аеродинамика.
Според производителот возилото ќе има цена достапна за поширок круг купувачи, ќе биде едноставно и евтино за одржување, сигурно и издржливо. Сето ова кажува дека возилото ќе има солиден квалитет. Тоа се првичните нешта кои се познати, но од останатите детали нема ни трага ни глас и нема најава кога производителот ќе ги обелодени. Да, тоа ќе се случи за време на првичното прикажување, но и таа „математичка величина“ е непозната.
Жарко Атанасоски