ALPINA BMW B8 GRAN COUPE-УШТЕ СКИИ МУ ФАЛАТ И ДА БИДЕ КОМПЛЕТЕН

31/03/2021

Баварците отсекогаш делувале со заеднички сили, така направија и овој пат. Излегува „бмв б8 гран купе“ од хала и на сцена стапува Алпина, го зема претходно спомнатиот автомобил и го внесува во своите лабораториски одаи. Таму експертите од брзо прават уште побрзо. Така се случи и со таа осумката што ја земаат кај нив. Ја доработија на начин за кој само тие знаат, почнале со подвозјето, потоа со системот за сопирање, малку доработки на погонската единица и од педесет години старата работилница (лабораторија) излегува „ алпина бмв б8 гран купе“. Покрај измените што ги наведовме, господата од Алпина насекаде ставиле свој заштитен знак, а го оставиле на БМВ на две места, на носот и опашката.

Добро познатиот V8 мотор со зафатнина од 4,4 литри и двоен турбо компресор по доработката поседува 622 КС кои ги развива од 5.500 до 6.500 врт/мин. и енормно големи 800 Нм од 2.000 до 5.000 врт/мин. Овие 622 коњски сили се пренесуваат до сите тркала преку осумстепен автоматски менувач направен од тие што имаат работилница на езерото Костанца, односно Боденско Езеро, името на компанијата е со две букви, односно ЗФ.

Кој си знае, си знае – од 0 до 100 км/ч за 3,4 секунди и од 0 до 200 км/ч за 11,6 секунди, или тоа е побрзо за две десетинки од секундата од серискиот „м8 гран купе“. Кога сме кај брзинските особини, да ја спомнеме и крајната брзина која ја постигнува купето, „само“ 324 км/ч. Ова се восхитувачки бројки ако се има во предвид тежината на купето од цели два тона и 175 кг. И покрај супериорните спортски особини на „алпина бмв б8 гран купе“, конструкторите велат дека возилото поседува првокласна лимузинска удобност, но и исклучително прецизно управување. Токму затоа велат автомобилот е наменет за долги патувања. Штом е така тогаш господата од Алпина многу добро го „навиткале“ подвозјето и системот за управување. Не дека не е добар и во „м осумката“, но овде е „изоштрен“ до крајни граници“. Тука електрониката го има последниот збор. На ваша желба и одбирање „конфор +“ автомобилот се претвора во друмска лаѓа или обратно со одбирањето „спорт +“ подвозјето е речиси како во тркачките автомобили.

Цена? Кого го интересира цената на „алпина бмв б8 гран купе“? За вакво чудо на четири тркала не се прашува за цена, туку веднаш се нарачува.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.