ALFA ROMEO MILANO-НАЈНОВО ОД АЛФА РОМЕО

12/04/2024

Компактен сув, должина 4,17 м, погон чисто електричен или хибриден, со погон на една или две оски, именуван како „милано“, сопственик Алфа Ромео. Ова е најкусиот извештај за новиот модел од миланскиот производител на автомобили. Оттаму велат ќе биде замена за „мито“ и „џулиета“. Ако е така, тогаш Алфа Ромео се откажува од класичниот облик на моторните возила и оди исклучиво во правец на „сув“ дизајнот. Малку чудно затоа што овој производител сите свои ловорики ги има освоено токму со возила чиј дизајн е чиста класика. Сега класиката не чини и работите одат во сосема друг правец, небаре Алфа Ромео е Џип, Ленд Ровер и останатите од класата.

„Милано“ ќе биде задвижуван од чисто електрична единица, која во изведбата „велоче“ поседува дури 240 КС, додека умерениот хибриден погон, 1,2 л во комбинација со електромотор има вкупно 136 КС. Основата е „стла смол“, односно „е – цмп 2“, која ја користи „џип авенџер“ и „фиат 600 е“, „опел мока“ и „пежо 2008“.

Купувачите ќе можат да бираат „милано“ со преден погон или 4 х 4. Погонот на две оски не е постојан, туку се вклучува по потреба, односно кога соодветните сензори ќе откријат дека некое тркало нема доволно добар допир (контакт) со подлогата. На сличен начин работи погонот на четири тркала во фиатовиот модел „панда“.

Надворешниот изглед е да речеме задоволителен, малку повеќе агресивност како што и доликува на марката. Се надеваме дека таа агресивност е внесена и во одделот за патниците, а таму ќе ве пречекаат два големи екрани од по 10,25 инчи.

Првите примероци треба да стасаат во продажните места оваа есен. Озборувањата велат цената ќе биде малку под 30.000 евра за основниот модел. А името? Новиот „кросовер сув“ е наречен Милано во чест на градот од каде потекнува марката, дури и поголем дел од заштитниот знак е позајмен од грбот на градот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.