Главните во Стелантис се договорија на Алфа Ромео, Ланча и Воксал да им дадат по 10 години за нивна целосна консолидација и со тоа да почнат да носат профит во касата. Ако во тој рок не се исполнат плановите, наведените марки ќе ги снема од лицето на планетава. Веднаш по овие соопштенија новинарите поитаа да ги прашаат одговорните што тие планираат да сторат во наредните 10 години. Жан Филип Импарато, сегашниот шеф на Алфа Ромео, а некогашен во врвот на Пежо СА, има убави планови но сè уште не ги обелоденува како официјални, туку наведува дека тоа се неговите лични желби. Според него Алфа Ромео треба да се врати на корените и да се актуелизираат веќе добро познатите модели кои живееле во минатите години, а во меѓувреме се згаснати. Негова желба е да ја види новата изведба на „гтв“ и отворениот двосед „дуето“.
Покрај овие „забелешки“ во врска со моделите за кои е многу заинтересиран, Импарато ја напомна и електрификацијата на Алфа Ромео. Според него електрификацијата е задолжителна и ако тоа не се направи марката ќе биде осудена на исчезнување. Овие негови искажувања беа забележани за време на премиерното претставување на „алфа ромео џулија гта“ и „алфа ромео џулија гтам“. Производител на автомобили кој своите корени ги влече од музикалните бензински мотори, сега треба да биде тивок како пеперутка кога слетува на некој цвет. Чудни нешта се случуваат во автомбилската индустрија. Наскоро ќе исчезнат завивањата на масератиевите мотори, а со нив заедно и тие од Ферари, Ламборџини и да не ги набројуваме, ги има многу. Еден ден сите ќе имаме зујалици на четири тркала и толку. Единствено што нè интересира во моментов е како Алфа Ромео ќе продолжи да работи во наредните 10 години, односно какви ѝ се плановите.
Жарко Атанасоски