Фиат, поточно неговата спортска испостава со име Абарт деновиве претстави нова изведба од моделот „фиат 500 абарт“ и го нарече „абарт 695 трибуто 131 рели“. Оваа ултра спортска изведба е посветена на легендарниот модел „131 рели“ кој во минатиот век беше посебно подготвен за рели натпреварите од светски ранг.
Легендата „абарт 131 рели“ е родена на почетокот од 70-те години од минатиот век. Возена од врвни рели возачи, „абарт 131 рели“ освојува три конструкторски титули, во 1977, 1978 и 1980 и две титули во класата на возачи, во 1978 титулата ја освои двоецот Марку Ален со совозачот Ика Кивимаки, а во 1980 со Валтер Рерл и совозачот Кристијан Гистдерфер.
Семејниот автомобил „фиат 131“ отиде во „фризерницата Абарт“, а таму мајсторите го сторија своето, направија врвен автомобил исклучиво наменет за рели натпреварите, а наречен „фиат 131 абарт“. Правилата од тоа време налагале да бидат направени најмалку 400 примероци за хомологација и со тоа тркачките примероци да добијат влез во Светскиот шампионат во рели. Друмската изведба имала 138 КС, додека таа подготвената за рели фантастични 240. Автомобилот е дело на Фиат, Бертоне и Абарт. Фиатова е шасијата и моторот, од Бертоне е школката со две врати и пластиките, а фризирањето на моторот и дотерувањето на подвозјето и менувачот е дело на Абарт. Денес Абарт е во сопственост на Фиат, а работилницата е основана од Карло Абарт во 1949 год.
Моделот „абарт 695 трибуто 131 рели“ направен во чест на 40 годишнината од легендарниот „фиат 131 абарт“, располага со 1,4 литарски мотор со 180 КС извадени со помош на турбо компресор од марката Гарет. Автомобилот забрзува од 0 до 100 км/ч за 6,7 секунди, а показалката од брзинометарот застанува на бројката 225. Тука се и амортизерите од марката Кони задолжени да го држат автомобилот што е можно повеќе на асфалтот и за што поостри маневри, додека диск сопирачките се од марката Брембо, напред со пречник од 305 мм напред и 240 мм назад. Цената на ова чудо на тркала кое ќе биде произведено во само 659 примероци е некаде под 40.000 долари, а ќе се продава насекаде во светот каде е присутен Фиат.