Светско првенство во ФОРМУЛА 1-ДРАМАТА ВО АВСТРАЛИЈА ГО ОТКАЖА СПЕКТАКЛОТ

04/04/2020

САМИОТ ФАКТ ШТО ОВОЈ ТЕКСТ ДОЖИВЕА ДЕСЕТИНА ПРОМЕНИ ОД МОМЕНТОТ КОГА БЕШЕ НАПИШАН, ДОВОЛНО ГОВОРИ ЗА ПОСТОЈАНОТО МЕНУВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА И НЕМОЖНОСТА ДА СЕ СОПРЕ ХИСТЕРИЈАТА ОКОЛУ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ.

 

Формула 1 беше меѓу последните кои реагираа со откажување на активностите и спортските настани, најавувајќи дека трката во Австралија ќе биде организирана според планот. На ова му одеше во прилог фактот дека оваа земја не беше зафатена од светската пандемија и дека жариштата низ светот беа далеку од Мелбурн. Сепак, ширењето низ Европа, континентот од каде што доаѓаат речиси сите екипи што учествуваат во Формула 1, беше доволно за да ги ничкоса плановите на организаторите.

Притоа, сите мошне внимателно ги следат правните упатства, бидејќи самите трки се бизнис во кој се вртат големи пари и секој чекор мора да биде два пати проверен во поглед на својата легитимност. Угледниот британски магазин „Аутоспорт“ објави сторија дека во лавиринтот на правни одлуки сите инволвирани во организацијата се штителе не сакајќи да бидат подоцна обвинети за прекршување на договорите и да ја сносат вината за откажување на трката. Додека во најголемиот дел од светот локалните власти забранија собирања и одржување на спортски настани, Формула 1 ја уживаше поддршката од локалната власт во Австралија и привлече голем број туристи.

Драмата во преговорите добила своја разрешница откако Мекларен се повлече од трката во четврток пред гран при викендот, поради објавата дека еден нивен член е позитивен и 14 кои биле во контакт со него мора да бидат во карантин. На последниот состанок во четврток навечер, по откажувањето на Мекларен, присуствувале сите тимски шефови, Рос Браун во името на компанијата која што го менаџира спортот, како и претседателот на ФИА, Жан Тод преку телефон. Согласно изворите на „Аутоспорт“, Ферари прв се приклучил кон Мекларен и најавил дека нема да учествува во трката без оглед на тоа дали таа ќе се одржи. Тимовите Хаас и Вилијамс, се дистанцирале од носење свои одлуки и афирмирале став дека ќе се приклонат кон мнозинството.

Согласно член 5.7 од Спортскиот правилник, било посочено дека една гран при трка може да се одложи доколку на неа има помалку од 12 болиди. На гласањето својот негативен став за одржување на Големата награда на Австралија го изнеле и Рено и Алфа Ромео, додека во насока на одржување на трката биле двете екипи на Ред Бул, Рејсинг Поинт и Мерцедес. Во такви услови на изедначеност, со 4 гласа „за“, наспроти 4 „против“ и 2 „воздржани“, било договорено последниот збор да го има Рос Браун. Се пренесува дека неговиот предлог бил да се одржат петочните тестирања, а потоа повторно да се сублимира ситуацијата.

Но, драматичниот состанок во хотелот „Круна“ отишол во поинаква насока, откако тимскиот шеф на Мерцедес, Тото Волф, се консултирал со своите претпоставени во Германија. Наводно, тој не добил сугестија како да гласа, туку му било посочено дека ситуацијата во Европа ескалира и дека е оставено на него да одлучи. Тогаш Волф го известил Браун дека и Мерцедес ќе се повлече, со што вкупно 10 болиди останале со можност за настап, па организаторите де факто биле приморани да го откажат настанот.

По ова следуваше официјално одложување и на трките во Бахреин и Виетнам од страна на ФИА во договор со организаторите кои го исчекуваа исходот од Австралија. Претходно Кина веќе беше официјално поместена за подоцна во сезоната. Веќе се шпекулира дека Шпанија е на чекор од одложување на трката во Барселона а Холандија, исто така, е во паника дали има шанса за смирување на ситуацијата со коронавирусот до 3 мај и веќе преговара за нов датум подоцна во годината.

Во последниот медиумски настап, Рос Браун за „Скај спортс“ изјави дека сезоната ќе започне подоцна и нема да ја има августовската пауза, а можеби и ќе заврши подоцна.

– Можеби ќе имаме принудна пауза, па ќе искористиме да речеме дека нема да има трки на почетокот од годината и ќе настојуваме да ги релоцираме подоцна во сезоната. Со ослободување на августовската пауза ќе добиеме неколку викенди во кои можеме да имаме трки. Сметам дека можеме да имаме сосема пристоен календар до крајот на годината,- рекол Браун. – Мислам дека можеме да ги стиснеме сите, но прашање е кога ќе започне сезоната. Оптимист сум дека ќе имаме 17-18 трки или повеќе,- навел Англичанецот.

Дополнително, во официјалното соопштение на Формула 1, се вели дека сега се очекува старт на крајот од мај, што би значело трка во Монако (24 мај или 31 мај) или дури во Азербејџан (7 јуни). Ако претходно се откажат шест трки (оние пред Монако) или седум (доколку нема трка ни во кнежевството на Азурниот Брег), а во августовската пауза има вкупно четири викенди, тоа значи дека барем две трки ќе се возат во летни услови за сезоната да би имала навистина 17 или 18 трки. Ако на одложените трки им се најде нова дата попатно во календарот или подоцна во годината, тој број ќе биде и поголем.

Формула 1 не е единственото големо спортско натпреварување кое е под закана од коронавирусот. На „тапет“ се завршниците во многу европски фудбалски првенства, како и самото европско првенство во фудбал, па дури и Олимписките игри во Токио. Целата планета е во исчекување на подобри вести за човечката раса која е на удар на „Ковид-19“, при што се затвораат границите и домашниот карантин е препорачан како најдобра превенција.

Неофицијално, се заговараат откажување на интернационалните собири со цел да им се даде предност на локалните настани во спортови како фудбалот, бидејќи ако не се прогласат шампиони ќе биде на удар и целата агенда на европско ниво која треба да следува. Наспроти ова, спортовите како Формула 1 каде што само интернационалната агенда е во преден план, мора да мирува и да најде соодветен момент за рестарт со нов календар.

Во медиумите беше лиферуван можен неофицијален календар, но сепак тој може да претрпи уште многу измени и поради тоа не треба да се земе предвид како веродостоен. Сепак, логиката имплементирана во него укажува дека најсигурни се датумите на оние трки кои ќе бидат на почетокот од вака организираното првенство.

Со други зборови, ако се остварат прогнозите за смирување на ситуацијата до крајот на мај, првите пет трки во Монако, Азербејџан, Канада, Франција и Австрија ќе останат според планираното, а со сите други ќе се разговара за нов термин. Полошото сценарио е дека по вестите за ширење на пандемијата во Канада, оваа трка или би можела да биде изземена, или сезоната да стартува на крајот од јуни во Франција.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.