„ЕМОФ СКОПЈЕ 2025“-ВО ДУХОТ НА ПРИЈАТЕЛСТВОТО, СПОРТОТ И ФЕРПЛЕЈОТ

24/07/2025

СКОПЈЕ Е ДОМАЌИН НА 22. ЕВРОПСКИ МЛАДИНСКИ ОЛИМПИСКИ ФЕСТИВАЛ ЧИЕ МОТО „TOGETHER WE PLAY, TOGETHER WE SHINE“ ПЕРФЕКТНО ЈА ОТСЛИКУВА НЕГОВАТА СУШТИНА, ИНСПИРИРАЈЌИ ГИ НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ДА ГИ РЕАЛИЗИРААТ СВОИТЕ СОНИШТА, ДА СЕ СТРЕМАТ КОН УСПЕСИ, ДА ГИ ПРИФАТАТ ОЛИМПИСКИТЕ ВРЕДНОСТИ НА ПРИЈАТЕЛСТВО, СПОРТ И ФЕРПЛЕЈ – СЕДУМ ДЕНА, ОД 20 ДО 26 ЈУЛИ

 

Градот на меѓународната солидарност во моментов угостува нешто повеќе од 4.000 спортисти на возраст од 14 до 18 години, претставници на 50 делегации, кои се натпреваруваат во 15 спортови, вклучително и 700 волонтери, со што се придружи на ексклузивната листа од 25 европски земји – организатори на фестивалот. Македонија е 18-та по ред. Така беше одлучено за време на „ЕМОФ МАРИБОР 2023“ кога се потпиша и договор за соработка меѓу ЕОК и МОК. Нашата земја ја претставуваат вкупно 181 спортист и 22 тренери. На отворањето, македонското знаме го носеа кајакарот Кристијан Смилев и одбојкарката Матеа Поповска. Неколку натпревари се одржуваат во Куманово и Осиек, паралелно. Влезот е слободен. И сето тоа збогатено со многу забава. Улиците на Скопје се полни со млади, а голема е посетеноста и на културните, историските знаменитости. Без оглед на летната горештина.

Меѓу другото, внимание предизвикуваат и натпреварувањата во баскет 3×3, друмски велосипедизам, без исклучок на планинскиот, уметничка гимнастика, пинг-понг, кану-слалом, таеквондо…, како и настапите на Џуван Аканга-Еава (кошарка, Франција; има професионален договор со Бург во француската лига), Узаир Чоудури (уметничка гимнастика, Велика Британија; европски јуниорски шампион во Италија лани), Уго Казањас (атлетика, Шпанија; син на петкратниот олимпиец Франк Казањас, кој е рангиран на првото и на второто место на европската ранг-листа во фрлање диск, т.е. фрлање ѓуле за годинава – за неговата возраст, роден во 2009 година), Ноа Вител (пинг-понг, Франција; освојувач на бронзен медал до 15 години на Светското првенство за младинци лани во Шведска), Мати Сосна (атлетика, Германија; 17-годишникот се натпреварува во фрлање диск и е помлад брат на Мика Сосна, светскиот рекордер во фрлање диск до 20 години), Кели Дуала (атлетика, Италија; 15-годишната девојка го држи националниот рекорд на Италија до 20 години, на 100 м за жени, откако истрча 11,29 во Бреша овој месец), Ена Фејет-Нгимго (џудо, Франција; победи во категоријата над 70 кг на Европското првенство во џудо за кадети во јуни), Елена Колас (уметничка гимнастика, Франција; со 15 години го освои златниот медал во екипна конкуренција, повеќебој и во разбој на Европското првенство за јуниори во 2024 година, како и бронзата во прескок), Алесандра Мао (пливање, Италија; во март го освои италијанското првенство на 200 м слободно, на 14 години)…

Мотото на „ЕМОФ СКОПЈЕ 2025“ во исто време ја слави и младоста, енергијата и единството, каде што буквално секој спортист има шанса да блесне, предизвикувајќи ги своите граници, пред сè. Маскотата „Shiny“ е тука да ги поддржи сите, безрезервно.

Како инспирација за нејзиниот визуелен идентитет послужи и народниот вез, не заобиколувајќи го и логото на кое може да се забележат двата симбола – лесно препознатливи: Камениот мост и македонското сонце.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.