FERRARI DAYTONA SP3 – ПОСЕБНО ПРАВЕН ЗА ДОБРОТВОРНИ ЦЕЛИ

16/07/2025

Според распоредот на автомобилските изложби, во август треба да се одржи Монтереј Недела на Автомобилите, односно празник за очи и душа.

Токму за оваа изложба Ферари подготви посебна изведба од моделот „дајтона сп 3“, еден и единствен и затоа е именуван како „599 + 1“. Зошто токму таа бројка и плус еден? Моделот „дајтона сп 3“ беше произведен во само 599 примероци, а овој посебниот е токму тој „+ 1“, кој ќе биде изложен на автомобилската средба во Калифорнија во округот Монтереј. Тој ист единствен примерок ќе биде даден на јавно наддавање, а организатор на наддавањето е познатата куќа Сотби. Парите од јавното наддавање се наменети за добротворни цели. Ваквите потези на Ферари се веќе традиција затоа што повеќе десетлетија организира вакви настани каде собраните парични средства одат во добротворни цели. Овој пат е опфатено образованието, воопшто културата.

Што се однесува до посебниот примерок, еден и единствен во светот, Ферари за првпат го испишува своето име на горниот дел од автомобилот и тоа по цела негова должина, а една должинска половина е обоена во мат црна, додека другата е во „жолта модена“. Внатрешноста е посебно преуредена, така што таблата пред возачот и управувачкото тркало се изработени од јаглеродни влакна, исто како во болидите од формула 1.

Моторот е ферариева класика, централно сместен, веднаш зад двете седишта, V12 со зафатнина од 6,5 л и поседува 840 КС и максимален вртежен момент од 697 Нм. Соодносот меѓу силината и тежината на купето е 1 КС на 1,77 кг, односно купето тежи 1.470 кг без течности (сува тежина). Силината од моторот се пренесува на задната оска преку седумстепен менувач со двојна спојка. Постигнува крајна брзина поголема од 340 км/ч, а од 0 до 200 км/ч потребни му се само 7,4 сек.

Ако цената на „ферари дајтона сп 3“ беше 2,25 милиони долари, тогаш цената на ова единствено „дајтона сп 3 599 + 1“ на планетава ќе биде најмалку двојно повеќе. Во одделот за возачот и совозачот има поставено плочка на која пишува дека автомобилот е еден и единствен во светот потврден со посебен број. Така некако Ферари ги подарува своите автомобили за добротворни цели. Ферари не е само некој и нешто во светот на автомобилите, туку Ферари е една од најголемите општествено одговорни компании во светот.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.