Автомобилите од марката Кенигсег се вистинска специфика, најпосебни меѓу најпосебните, заедно со останатите од својата класа. Чиста егзотика. Сѐ е по нарачка: секој модел се изработува во ограничена серија, а еден од главните предизвици на марката е брзинскиот рекорд да биде во нејзини раце. Така си ја замислил работата Кристијан фон Кенигсег и така ја тера уште од 1994 година, луксуз и брзина до крајни граници.
Најновото од оваа мала, но изгор скапа работилница е „садаирс спер“. Името доаѓа од коњот кој го јавал неговиот татко Јеско во финалето од трката одржана во 1976 година. Неговиот родител бил страстен љубител на коњите за трки и професионален џокеј. Не е првпат неговиот син да именува автомобил во чест на таткото. Во 2019 год. Кенигсег го претставува супер купето „јаско“ на Салонот за автомобили во Женева и тоа во две изведби, едната „атак“ со тркачки квалитети, подготвена за на патека, а другата со изразена аеродинамика „абсолут“. Верувале или не, уште саемот незавршен, а моделот „јеско“ бил веќе распродаден. Според производителот од работилницата биле направени и продадени вкупно 125 примероци.
И сега ќе ви биде чудно ако напишеме дека и моделот „садаирс спер“ е однапред распродаден? Ваквите автомобили имаат и колекционерска вредност пред сѐ не може секој да го купи. Тоа се купувачи кои многу однапред се информирани каков модел е во подготовка итн. „Кенигсег садаирс спер“ е правен на основа од моделот „јеско атак“. Овој пат главниот конструктор употребил уште полесни материјали и резултатот е следен – 35 кг во минус. Аердинамиката е доработена, со што автомобилот станал уште побрз од својот претходник. Така е, погодувате, купето изложено на приватна светска премиера е распродадено уште истата вечер. Само 30 среќни купувачи ќе уживаат во егзотиката на четири тркала, затоа што толку Кенигсег планира да произведе.
5,0 литри распределени во осум цилиндри поставени во V формација. Засилувањето доаѓа од двојниот турбо полнач со кој моторот развива 1.300 КС со безоловен бензин или 1.625 КС со еко горивото E85. Таа силина се пренесува на задната оска преку револуционерната менувачка кутија наречена „лст“ (лајт спид трансмишн). За максимална брзина од над 360 км/ч и тежина од само 1.376 кг, со пневматици напред 275/35/20 и 335/30/21 назад и сооднос на масата од купето со силината од 1:1, треба да издвоите, односно веќе издвоиле 4,5 милиони долари.