FERRARI AMALFI – МАЛКУ ТУРИЗАМ, МАЛКУ ФЕРАРИ

08/07/2025

„599 фиорано“, „монца сп“, „америка“ и „суперамерика“, „360 модена“, „портофино“, „калифорнија“, „дајтона“, „рома“, а најновиот модел, инаку наследник на „рома“, е наречен амалфи“. Сѐ се тоа имиња од домашни и странски географски поими, а името на најновиот модел е позајмено од живописното градче Амалфи. Ова место се наоѓа на околу 60 км на југ од Неапол. Сместено на самото крајбрежје, но и во карпите над морето, во периодот помеѓу IX и XI ова место било многу моќна република и главно пристаниште во тој дел од Медитеранот. Потоа Амалфи било само едно од неколкуте главни пристаништа на западното крајбрежје и сѐ така до крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Оттогаш наваму Амалфи е едно од најчесто посетуваните туристички места, најмногу поради живописната околина. Малото место го добило името Амалфи по нимфата Амалфи. Херкулес бил многу заљубен во неа, но таа починала. Преголемата љубов кон неа го натерала да бара најубаво место каде неговата сакана ќе почива во мир. Откако местото било најдено, ја погребува, а потоа тој мал дел од западниот италијански брег го добива името Амалфи. Така вели легендата, а нив ги има неколку токму за истото место.

Флавио Манцони е „виновен“ за обликот на најновото од надалеку познатата куќа во Маранело. Едноставноста, но воедно и супериорноста заедно со инспирацијата, се позајмени ид претходникот, моделот „рома“. Сличностите се забележливи, но воедно се и многу посебни. Тие таму умеат многу добро да „играат“ со формата, затоа и имаат толку многу дизајнерски студија познати ширум светот.

И овој модел како и претходникот има мотор кој е сместен напред, веднаш зад предната оска (и малку над). Тоа е еден вид навраќање кон корените – првите модели од Ферари сите имаа мотори сместени во предниот дел. Класиката V8 со зафатнина од 3,9 л (3.855 ссм) и турбо полнач, постигнува здрави 640 КС и максимален вртежен момент од импозантни 760 Нм. Мотор напред, а погон на задната оска преку „мањетино“ со осум степени и двојна спојка. Тоа е познатиот и докажан менувач на Ферари. Тој менувач заедно со силината од моторот и лесните материјали од кои е направено купето, придонесуваат крајната брзина да изнесува фантастични 320 км/ч. Исто и со забрзувањата. Тие се во склад со името, традицијата и корените на Ферари – од 0 до 100 км/ч за 3,3 секунди, а до 200 км/ч за 9,0 сек. Сето претходно напишано се темели и на лесните материјали, затоа соодносот меѓу силината и тежината изнесува 2,29 кг на 1,0 кс и е најдобар сооднос во класата. Всушност моторот е истиот од моделот „рома“, само што е наново „навиткан“ за да добие повеќе коњски сили.

Да, „ферари амалфи“ има дигитална табла со инструменти, а има и една централна. И двете се со димензии поголеми од 10 инчи, сосема солидно за гледање филмови, а ќе ви биде доволно прегледно и за компјутерските игри. Ете до каде стаса Ферари, да служи за гледање филмови и играње компјутерски игри – кантер страјк или фифа светско првенство, лига на шампиони и слично. Убаво кажал Енцо Ферари, но кој да го слуша: „Јас ти го продавам моторот, а останатото е подарок од мене.“ А овие сега ќе вградуваат таблети, и згора на сѐ, ги нагласуваат.

За сите подетални информации за цената, за испораката и за сѐ друго што ве интересира за „ферари амалфи“, обратете се директно кај производителот. И да не испуштиме да напишеме, „ферари амалфи“ е купе со 2+2 седишта – тоа +2 повеќе е за патните торби отколку за патници.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.