Светот има на располагање безброј дизајнерски ателјеа, но некако ретко ги користи. Штета е што толку многу убавина останува затворена во фиоки, како да не сака да ја извади од нив, било од инает, било затоа што не знае што навистина е убаво.
Еден италијански колекционер, страстен поклоник на марката Алфа Ромео посакал да биде сопственик на моделот „8 ц компетиционе“, но во едно поинакво издание. За таа цел се обратил кај еден од вистинските мајстори на својот занает Загато. Штом поединец разговарал со надалеку познатото дизајнерско студио, тогаш тоа е посебно барање за посебен автомобил. На основа од „алфа ромео 8 ц компетиционе“ да биде створен автомобил кој ќе потсетува на славните денови на Алфа Ромео и победите на тркачките автомобили од оваа марка.
И покрај тоа што користи речиси сѐ од моделот „8 ц компетиционе“, сепак посебниот автомобил е наречен „алфа ромео 8 ц допиа кода загато“. Се потпишал дизајнерот, но е додадено името „допиа кода“, односно на македонски „двојна опашка“. Зошто е тоа така? Затоа што задниот дел од некогашните тркачки автомобили биле заоблени, а сопственикот кој си го нарачал автомобилот, сакал тој „најистурен“ заден дел од автомобилот да биде отстранет и на изглед да биде сличен како задниот дел на „бмв кам купе“ од 1938 год, автомобил дизајниран од Ванибалд Кам. Тој дизајн со вертикално отсечен заден дел е наречен „к опашка“ или само „кам“, по презимето швајцарскиот дизајнер. Таквиот облик и денес е присутен во еден куп автомобили, така што таа „линија“ е сè уште присутна и многу употребувана.
Предниот дел од „алфа ромео 8 ц допиа кода загато“ е поспуштен и потенок. Кога некој добар познавач на марката Алфа Ромео ќе го види овој еден и единствен автомобил, сигурно во првите секунди нема да му биде јасно кој модел е. Останатото е речиси исто (најверојатно), внатрешност, мотор и сè околу моторот. Најверојатно „V осумката“ си останала иста – нема вградено турбо компресори. Силината се пренесува на задната оска преку шестстепен полуавтоматски менувач. Можеби таблата со инструментите е збогатена со детали (и инструменти) како тие од времето на аналогните инструменти со пониклени обрачи како што е редот. Деталите за и околу автомобилот воопшто не се спомнати, можеби производителот воопшто не е заинтересиран за такви нешта. За него најбитно е нарачателот да биде задоволен.
Еден и единствен во светот, автомобилот „алфа помео 8C дупла кода загато“ за првпат беше претставен пред светската јавност на Конкурсот за елеганција во Вила д’Есте, местото каде што се собира кремот на автомобилскиот дизајн, светилиштето на убавината на чудата на четири тркала.
Дали да се избере овој, единствениот, или класичниот дизајн, оној на Загато, или пак оној на Волфганг Егер и Даниеле Галионе? Тука веќе стапуваме на теренот на вкусовите, а за нив, велат, не се дискутира. Токму Егер и Галионе се творците на „Алфа Ромео 8C Компетиционе“.