Тест-Cupra Leon 1.5 eTSI 150 DSG-ШПАНСКА ВИЗИЈА СO СПОРТСКИ ХЕЧБЕК

28/04/2025

МОДЕЛОТ LEON СО БЕЏОТ НА CUPRA НЕ Е САМО SEAT LEON СО ПОАГРЕСИВЕН ИЗГЛЕД, ТУКУ ВИСТИНСКИ ПРЕМИУМ СПОРТСКИ ХЕЧБЕК СО СВОЈ АВТЕНТИЧЕН СТИЛ И КАРАКТЕР ШТО НУДИ УНИКАТНО ВОЗАЧКО ИСКУСТВО СО ФОКУС НА ДИНАМИКАТА, ЕСТЕТИКАТА И ВРВНАТА ТЕХНОЛОГИЈА

 

УНИКАТЕН ИДЕНТИТЕТ

Cupra Leon е автомобил кој совршено ја балансира спортската и агресивна појава со софистициран, премиум изглед. Како засебен бренд што се одвојува од Seat, Cupra успева да внесе карактеристичен визуелен идентитет во Leon, правејќи го еден од најатрактивните хечбек модели на пазарот. Предниот дел веднаш привлекува внимание со својата широка и ниско поставена маска со структура како саќе, карактеристична за спортските модели. Cupra логото во бакарна боја е сместено на средината, дополнувајќи го ексклузивниот изглед. Острите и тенки ЛЕД светлосни групи му даваат модерен и агресивен лик, додека дневните светла создаваат препознатлив потпис во облик на триаголници, што е специфично за Cupra. Браникот има големи отвори за воздух кои не се само естетски елемент, туку и функционално придонесуваат за подобро ладење на моторот и аеродинамика. Поклопецот на моторот е оформен со две изразени линии што дополнително го нагласуваат спортскиот карактер. Гледано од страна, Cupra Leon има елегантна, но динамична силуета со нагласени линии што создаваат чувство на движење дури и кога е во мирување. Покривот е благо закосен кон задниот дел, што придонесува за аеродинамична форма. Автомобилот доаѓа со 18 инчни алуминиумски фелни, со дизајн инспириран од тркачки автомобили и посебно впечатливи бакарни детали кои се заштитен знак на Cupra. На задниот дел највпечатлив елемент е целосната светлосна лента ЛЕД, што се протега по целата ширина на возилото, создавајќи уникатен светлосен потпис.

Овој елемент визуелно го проширува автомобилот, создавајќи поимпозантна појава на патот. Браникот е масивен и содржи дифузер кој не е само декоративен, туку и има аеродинамична функција. Моделот Leon во оделото на Cupra е автомобил кој успешно ги комбинира спортскиот карактер со елегантен дизајн. Детали како бакарни акценти, динамични ЛЕД светла, големи фелни и аеродинамични елементи му даваат уникатен идентитет со што се издвојува.

КРЕИРАН ЗА ЦЕЛОСНО ВОЗАЧКО ИСКУСТВО

Cupra Leon има внатрешност што беспрекорно ги комбинира спортските елементи со премиум материјали и модерни технологии. Дизајнот е фокусиран кон возачот, со кокпит што создава впечаток на тркачки автомобил, но истовремено нуди удобност и практичност за секојдневна употреба. Централната конзола и инструмент таблата се дизајнирани за да го стават возачот во фокус. Доминира инструмент табла, дигитална од 10.25 инчи, која нуди прилагодливи графики и спортски режими на приказ. Екранот може да прикажува различни информации, од класични брзинометар и бројчаник за вртежи, до мапа за навигација со целосен екран или податоци за перформанси.

Во средината се наоѓа голем 12,9 инчен инфозабавен екран со најновиот „Cupra UI“ интерфејс. Дизајнот е минималистички, со речиси целосно отстранети физички копчиња, повеќето команди се управуваат преку допир или гласовни команди. Под екранот има сензорски клизачи за подесување на климата, што додава модерен изглед, но, управувањето бара малку привикнување. Ние сме поборници на физички команди, барем за контрола на вентилацијата и јачината на звукот. Деталите во бакарна боја и амбиенталното осветлување што се протега низ целата ширина на инструмент таблата му даваат на ентериерот ексклузивност и динамика. Иако верзијата која ја возевме беше опремена со стандардните седишта, нивниот облик нуди солидна странична поддршка, а ергономската форма гарантира удобност при долги патувања. Спортскиот управувач е еден од најважните елементи во Cupra Leon. Тој е со рамно дно и има бакарни детали што ја нагласуваат неговата ексклузивност. На него се сместени две најзначајни копчиња, Cupra Mode копчето кое овозможува директно менување на режимите на возење (Comfort, Sport, Individual), а на спротивната страна од управувачот е копчето за стартување на агрегатот, што додава тркачки карактер. Иако Cupra Leon е спортски насочен хечбек, внатрешноста е пространа и добро организирана. Предните седишта нудат доволно простор дури и за високи возачи, додека задната клупа е комфорна за две возрасни лица, со доволно простор за нозете и главата. Багажникот има капацитет од 380 литри, што е рамките на сегментот, додека неговата правилна форма остава впечаток дека волуменот е повеќе од доволен за исполнување на регуларните семејни потреби. Она што Cupra Leon успева да го постигне е одличен пример за тоа како може да се изведе ентериер што ги задоволува и спортските ентузијасти и оние кои бараат комфор и технологија.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБОБЕНЗИНЕЦ
ЗАФАТНИНА: 1.498CM3
МОЌНОСТ НА
АГРЕГАТОТ:
150 КС при 5.000 врт/мин
МЕНУВАЧ: 7 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ПОТПИРАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВ
ГУМИ: НАПРЕД 225/40 R18,
ПОЗАДИ 225/40 R18
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
1.360 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4.398Х1.799Х1.444 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
8.7 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
4.8 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
215 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
40.306 ЕВРА

 

НЕ Е НАЈМОЌЕН ВО ПОНУДАТА, НО Е ПОДЕДНАКВО ЗАБАВЕН

Тесттираниот Cupra Leon користи 1.5-литарски четирицилиндарски турбо бензински мотор, кој е дел од новата генерација на ефикасни TSI агрегати од групацијата Volkswagen. Моторот испорачува 150 КС (110 kW) и 250 Nm вртежен момент, што му овозможува лесно и линеарно забрзување, особено кога е на средни втежи, каде што турбополначот обезбедува солидна резерва на сила. Еден од клучните аспекти на овој мотор е 48 волтниот благ хибриден систем, кој помага при намалување на потрошувачката на гориво и штетните емисии. Овој систем овозможува краткотрајна поддршка при забрзување, а истовремено овозможува исклучување на моторот при возење со константна брзина за уште поголема ефикасност. Дополнително, располага со систем за деактивација на цилиндри (ACT), кој автоматски исклучува два цилиндри при ниско оптоварување. Ова значително ја подобрува потрошувачката, особено при долги патувања. Во комбинација со моторот доаѓа седумстепен автоматски DSG менувач со двојна спојка, кој работи во неколку режими и нуди исклучително брзи и прецизни промени на степените на пренос. Менувачкиот склоп овозможува оптимална искористеност на моторната моќност, а благодарение на електронски контролираните режими, тој автоматски се адаптира на стилот на возење. Автомобилот е конструиран да овозможи идеален баланс меѓу комфор и спортска динамика, што го прави универзален избор за секојдневно возење, но и за подинамични авантури. Суспензијата е прецизно подесена за да обезбеди стабилност во свиоци, а истовремено овозможува доволно удобност на подолги патувања. Управувањето е директно и прецизно, со добро ниво на повратни информации до возачот.

Дополнително, спортски подесениот ESP систем му овозможува на возачот да има повеќе контрола, но воедно остава простор за динамично возење без преголема интервенција на електрониката. Со оглед на тоа дека ова е влезната моторна верзија во гамата на Leon, не е екстремно спортска конфигурација, но благодарение на ниската тежина и добро избалансираниот мотор, менувач и шасија, овој модел нуди многу задоволство зад воланот. Одличен избор за возачи кои сакаат модерен, ефикасен и динамичен хечбек, со спортска нота, но без екстремна потрошувачка на гориво која за време на нашето дружење се движеше во зоната од 7,5 Л/100 км.

Овој модел ги комбинира напредните технологии на групацијата со препознатливиот Cupra дизајн и спортски дух, нудејќи совршена рамнотежа помеѓу практичност и онаа малку подзаборавена страна, наречена забава во возењето.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.