НА ПОЧЕТОКОТ НА ФЕВРУАРИ, ВО ХОТЕЛОТ „ПАРК&SPA“ ВО СКОПЈЕ, БЕШЕ ПРЕТСТАВЕН ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ, ЗАС Г20.
ЗАС Г20 привлекува внимание со ретро дизајнот и конкурентноста во доменот на малите електрични автомобили. Ги има сите карактеристики на квалитетен електричен автомобил: нултата емисија на јаглероден диоксид (0 г/Км), конкурентни возни својства, досег со едно полнење до 150 км во реални услови на возење, како и максимална брзина ограничена на 130 км/ч. Времето на полнење изнесува 3-3,5 часа на домашен мрежен приклучок, исто толку и на јавен наизменичен приклучок, а на јавен брз еднонасочен полнач доволни се 15 минути.
ЗАС Г20 е резултат на повеќегодишно професионално ангажирање на тимот на ББ Класик Карс, во соработка и со поддршка на повеќе специјализирани фирми и занаетчии, како и на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Проектот е поддржан и поради вградените принципи на зелената економија – одржливоста, економичноста, постапниот развој на производството со користење на локални ресурси, како и со постојани едукации и специјализации на сегашните и идни вработени.