ALPINA A290 BETA-НОВО ОД АЛПИНА

12/05/2023

Спортската работилница Алпина во сопственост на Рено, на крајот од првата десетка од месец мај го претстави концептот „а 290 бета“. Да појасниме, Алпина за Рено е исто што и Абарт за Фиат, Моторспорт за БМВ, АМГ за Мерцедес, Нисмо за Нисан итн. Речиси секоја марка на автомобили си има своја спортска дивизија. Некои од нив некогаш биле засебни, а потоа купени од големите производители, а некои се директно основани од тие големи производители.

Новиот концепт на Алпина со својот облик најмногу потсетува на некогашната легенда „рено 5“. Токму овој легендарен модел наскоро треба повторно да се врати, но овој пат во електрифицирана изведба. Е сега дали концептот од Алпина е нешто како пробен балон, тоа наскоро ќе го видиме. Концептот „а 290 бета“ е олицетворение и на градски спортски автомобил, но и на суров тркач. Ако надворешноста е помалку или повеќе во духот на повеќето спортски гран туризмо модели, тогаш внатрешноста е чисто тркачка, но со современа нота. Напред едно седиште, возачкото и централно сместен управувач, а назад лево и десно по едно седиште, вкупно три, така што сите во автомобилот имаат чист преглед низ предното ветробранско стакло. Распоредот на седиштата е во облик на триаголник. Конструкторите велат дека концептот има извонредни возни својства и за возачите ќе претставува чисто задоволство да управуваат со него. Како доказ за горенапишаното сведочи инструмент таблата која е многу слична на таа од болидите во Формула 1.

Челниците од Алпина и Рено се во голема подготовка на нивната „гаража од соништата“. Во таа гаража треба да се најдат компактниот гт модел кој ќе произлезе од овој концепт, потоа тука е моделот „а 110“ и двата кросовери кои се во подготовка. Едниот од нив е планиран за претставување на крајот од 2024 год. додека вториот ќе го очекуваме во 2027.

Бидејќи концептот е чисто спортски модел, веќе е на пат да биде хомологиран за трки на домашен терен. Туристичката изведба со должина од 405 см и 185 см ширина ќе тежи околу 1.100 кг. и ќе биде пуштена во продажба наредната година заедно со замената за легендата „рено 5“. Бидејќи концептов е правен на основа од „рено 5“, се чини дека „алпина а 290“ е негова сурова спортска изведба.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.