Пежо 408, тоа е моделот со кој првоодговорните во компанијата решија да отворат ново поглавје во историјата на оваа марка. Што се случи за челниците да постапат така? Пазарот, тој игра клучна улога во создавањето на дизајнот, каросеријата и на уште еден куп други работи кои ги поседуваат автомобилите. Како кажува пазарот, така производителите постапуваат. Испитувања на пазарот потврдиле дека новиот облик на, исто така, новата „четворка“, ќе биде успешен потег. Затоа денес го имаме моделот 408 во облик кој е досега невиден во семејството. Серијата „четири“ отсекогаш била тешка класика од лимузина, почнувајќи од легендарната „404“ и сѐ така до „407“, но „осумката“ е нешто сосема друго, досега невидено. Како оваа измена ќе се одрази врз потенцијалните купувачи, ќе дознаеме по неколку години. Инаку денешните статистики покажуваат умерен, но постојан продажен пад на лимузините во однос на другите каросериски изведби.
Појавувањето на моделот „408“ сигурно предизвика и негодувања и пофалби, Изгледа нешто како караван со нагласена купе нота, односно комбинација од комбилимузина, купе и спортбек караван. Занимлив изглед кој нуди солиден простор во одделот за патниците. Хибридната изведба има оддел за товар со зафатнина од 471 литар, а изведбите со бензински мотори имаат 536 литри, а со соборување на задните седишта се добива простор од 1.611 литар. Димензиите на „408“ се следниве, должина 4.697, ширина 1.859 и висина 1.483 мм, додека растојанието меѓу оските е 2.788 мм.
Новиот модел ќе биде задвижуван од две хибридни со 180 и 225 КС, една класична бензинска (три цилиндричен 1,2 со 130 КС). Сѐ е тоа добро, но од дизелите ни трага ни глас, барем засега, а ќе видиме понатаму што ќе се случи. Преносот на силината се одвива преку автоматски менувач со осум степени и секогаш на предната оска. Во тек е хомологација на целосно електрифицираната изведба „е – 408“. И покрај 4,7 метри должина, сепак Пежо успеал тежината да ја сведе на само 1.396 кг – слични тежина имаат автомобили со помали димензии, односно автомобили од сегментот „ц“.