Саемската манифестација што секоја година се одржува во јануари во Лас Вегас полека но сигурно станува место каде автомобилската индустрија сè почесто ги претставува своите најнови модели. Изложбата не е наменета само за автомобилите, но во последнава деценија возилата на четири тркала „навалија“ со своето присуство.
Годинава покрај другите беше присутен и Кадилак со концептот „хало инер спејс“, трето возило во низа на електричен погон, но и воедно возило способно самото да управува. Велат натаму оди развојот на автомобилската индустрија. Седнуваш во возилото и преку мобилниот, таблетот или лаптопот пишуваш каде сакаш да патуваш и толку, потоа компјутерот во автомобилот ги зема работите во свои раце и преку „гпс“ и мрежата поставена на патиштата, бира по кој пат ќе вози.
Концептот на Кадилак, односно неговиот дизајн е повеќе од занимлив и привлечен. Купето со облик како да е извајан од природата, ветерот и водата има голема доза на спортска нота – ниско широко, залепено за асфалт. Дизајнот воодушевува и токму таков му прилега на една марка каква што е Кадилак. Творецот на обликот го погодил во срж концептот и со право го носи заштитниот знак на Кадилак. Кога сме веќе кај дизајнот, Мерцедес пред три недели претстави концепт лимузина именувана како „е ку икс икс“ чиј дизајн е сличен на овој од кадилакот – сличен во тоа што лимузинава има ниска силуета, широка со доза на купе, некој вид параметри кои зборуваат за спортскиот дух на концептот со четири врати. Најверојатно тој е дизајнерскиот правец на идните класични лимузини и купеа, што е задоволувачки во однос на сегашниве облици, кои рака на срце стануваат сè подосадни. А Кадилак, можно е наскоро од него да видиме напредна лимузина (или купе) од калибарот на концептот „хало инер спејс“ и тоа во сериско производство.
Жарко Атанасоски