Стаса за редизајн и најголемата лимузина во семејството на Ауди. Од 2017 кога се појави четвртата генерација од моделот „а 8“, поминаа четири години и сега е време за обновување на изгледот. Така прават сите производители. Тоа е некое непишано правило откако моделот ќе наполни четири години истиот да добие пеглање на брчките и така да се продава уште најмногу две години, а потоа следи нов модел. Сегашниов редизајн на „а 8“ ќе трае до 2024 за кога е планирано појавување на електричниот модел.
Новиот дизајн нема да го коментираме, за него ќе говорат фотографиите, а за останатиот дел, ќе коментираме. Лимузина долга над пет метри (5,20 м) и воедно најголема во семејството, тоа значи таа е припадник на високата класа каде царува луксузот и затоа ќе продолжиме со него. Во обновената „осумка“ има 23 звучни кутии и засилувач од неверојатни 1.920 вати. Што е многу, многу е, на толку мал простор толку многу вати.
Сега на ред доаѓа четири зонскиот автоматски клима уред, јонизаторот, потоа уредот за кислород, мирисливиот освежувач на воздухот, мини барот сместен меѓу предните седишта, греење на седиштата и масажери во нив…сето ова наменето за патниците на задните седишта. Сепак едно нешто недостасува, а тоа е затемнето стакло кое го дели просторот помеѓу предните и задните седишта, управувано строго од патникот кој седи одзади дијагонално од возачот.
За првпат „осумката“ ќе ја видиме со опрема „с лајн“, или во превод лимузината добива спортска нота со нагласени два пара издуви и поголеми отвори за воздух и се разбира спортски детали. Кога сме веќе кај спортската нота мора да ја спомнеме најснажната „с осумка“ има погон на сите тркала, спортски диференцијал, управување на сите тркала и активна суспензија. 4,0 литарскиот V8 мотор е засилен со двоен турбо полнач. Моторот произведува 571 КС и затоа до „стотка“ му се потребни само 3,8 секунди. За овој друмски крстосувач треба да платите 145.000 евра. Останатите погонски единици кои ќе бидат вградени во новата „а осумка“ се: 3.0 тфси V6, 4,0 тфси V8 и 3,0 тди, а подоцна ќе добие и „плаг ин“ хибриден погон.
И да напоменеме дека спомнатите бензински мотори се снабдени со умерена хибридна технологија. Силината од сите мотори се пренесува до двете оски преку осум степен автоматски менувач. Има уште многу да се пишува за обновената „а осумка“, но и ова е доволно за нејзино првично претставување