Електричното семејство ИД добива трет член, „петката“. До вчера ниту едно, а денес дури три целосно електрични возила. Најновиот „ид.5“ е само 15 мм подолг од „ид.4“ односно вкупно има 4.599 мм. Претставува возило во една иста класа и со безмалку сличен дизајн. И како што велат одговорните, купе обликот допринел за подобра аеродинамика, а таа изнесува 0,26, односно 0,27 кај изведбата „г т икс“. Дали и колку е добра таа аеродинамика видена на други возила уште пред 40 години, тоа е друго прашање. Потоа производителот ја нагласува зафатнината на одделот за товар, 549 литри до крајни 1.561 литар со соборена задна клупа.
Еден модел три изведби, „про“, „про перформанс“ и „г т икс“. Првите две имаат погон само на задната оска, додека изведбата „г т иск“ има погон на сите тркала многу повеќе силина од првите две. Изведбата „про“ поседува 174 КС, а про перформанс“ 204. За постигнување брзина од 100 км/ч потребни им се 10,4 и 8,4 секунди. Најснажниот носи ознака „г т икс“ и има два електромотори, по еден за секоја оска, така што во ова возило силината се пренесува на двете оски. Може да забрза од 0 до 100 км/ч за убедливи 6,3 секунди затоа што во себе има вкупно 299 КС. Овие брзински способности резултираат со 480 километри до наредното полнење на батеријата, додека првите две изведби со едно полнење изминуваат малку повеќе, 520 км. Времетраењето на полнење на батеријата изнесува 29 минути до 80 отсто, но почнувајќи од 5,0 отсто.
Производството ќе се одвива во фабриката во Цвикау, исто како и првите два примероци од семејството, моделите „ид.3“ и „ид.4“. Според најавите продажбата ќе започне идната година без прецизирање дали во првата или во втората половина.
Жарко Атанасоски