Продажбата на фордовиот модел „фиеста“ отсекогаш била и сè уште е стандардно добра. Секако дека повремено има отстапки од таа нагорна линија, но генерално „форд фиеста“ е многу почитувана на континентов.
По четири годишен период опстојување на пазарот, одговорните одлучиле најпродаваниот модел во семејството да биде обновен односно да доживее редизајн. Обновувањето е дел од секој модел кој е на залез на кариерата, но рака на срце „фиестата“ ја имаше таа складно допадлива линија, така што направените измени само го надополнија и онака убавиот изглед. Сега светлата се за нијанса поинакви, а во понудата има и матрикс лед светла, потоа приметуваме нов браник, маска со зголемена решетка и минимални измени во линијата од профилот.
Покрај овие измени во кабината сега е поставен поголема табла со инструменти од 12,3 инчи во дијагонала и нов мултимедијален уред „синк 3“. Вреди да се нагласи дека овој модел на Форд во 2022 ќе слави 45 години од излегувањето на првата генерација – своевидна традиција која Форд љубоморно ја чува.
Откако седмата генерација од „фиеста“ ја дотераа дизајнерски, групата од погонски единици остана иста, а тоа е таканаречениот „еко буст“ 1,0 литарскиот со три цилиндри и турбо компресор. Овој мотор произведува три силини, 100, 125 и 155 КС кои се пренесуваат на предната оска преку шестстепен обичен или седумстепен автоматски пренос. Тие што сакаат нешто повеќе, Форд има „лек“ и за нив, а неговото име е „ст“, поточно „фиеста ст“ во која е вграден 1,5 литарски трицилиндричен бензинки мотор со солидни 200 КС и подобрен максимален вртежен момент за цели 30 Нм. Во оваа изведба изоставен е автоматскиот менувач, односно „ст“ се нуди само со обичен шестстепен за да има повеќе забава при возењето, затоа што во „фиестата“ забавата е од пресудно значење за производителот, а тоа како зараза се шири и на тие што се мислат дали да купат „фиеста“. А кои се тие што не сакаат забава?