Малите автомобили од марката Смарт повторно живнуваат овој пат со концептот „# 1“, односно подобро да напишеме „број 1“. Неговата должина е 4,29 метри што е речиси еднаква со должината на автомобилите од сегментот „ц“. Изненадува неговата ширина, дури 1,91 метар слично како во класичните лимузини. Автомобилот е висок завидни 1,7 метри, а изненадува и неговото меѓуоскино растојание од преголеми 2,75 метри. Ова е нешто како „сув“ од Смарт во концепт изведба.
Ако досега автомобилите од оваа марка беа многу мали, сега производителот оди еден чекор напред со димензиите. Влезот во сегментот „ц“ значи да се биде во кругот каде конкуренцијата е најсилна од било кој друг сегмент. Кои се апетитите на Смарт сè уште не ни е познато, но затоа ни е познат новиот сопственик, од една страна е Мерцедес – Бенц со 50 отсто сопственост, а од другата страна е кинескиот гигант Гили, новиот сопственик, кој во своето јато има автомобили со исти или слични димензии, така што за него нема непознати, поточно кажано сериското производство, доколку го има, ќе мине во најдобар ред.
Покрај веќе добро познатата електроника поврзана со разни сензори, камери, компјутери и со што уште нè, конструкторите успеале да створат врвна удобност. Како нема да сторат кога имаат на располагање должина од 4,3 метри, ширина од фрапантни 1,91 и висина од големи 1,7 метри. Ниту едно возило од сегментот „ц“ нема ширина од 1,9 метри, се разбира без надворешните ретровизорите. Беспрекорна пространост и воедно врвна удобност тоа се главните адути на Смарт и плус сите електронски чуда кои се поврзуваат со мобилните телефони и потоа прават разноразни „финти“.
Нешто овде чудно мириса, одеднаш Смарт оди во сегментот „ц“ со возило кое има преголема ширина и висина, а уште почуден е неговиот дизајн. Електрично возило кое зад себе ја има сета поддршка од Мерцедес и Гили, а творците на обликот бркаат класични линии во 21 век. Ваквите потези на Смарт воопшто не јасни.