AUDI RS Q E-TRON-ПУСТИНСКИОТ АУДИ

02/08/2021

 

Ауди ќе настојува да го освои тронот на релито Дакар со возило погонувано исклучиво на електрична енергија. Некаде на средина од месецов, Ауди објави фотографии од возилото со кое, догодина, ќе се натпреварува на најпознатото рели во светот.

Како и секој друг призводител што сака да талка по непрегледните пустински предели, така и Ауди се пријавил и сега се подготвува за освојување на првото место. Многу смела одлука, но треба да нагласиме дека Ауди е во групацијата ВАГ, а таму многу добро знаат што е релито Дакар бидејќи досега многупати учествувале. Овој пат нештата ќе бидат малку поинакви, бидејќи Ауди ќе биде присутен со електромобил. Возилото поседува два електромотори, по еден за секоја оска. Генерално структурата на шасијата со електромоторите и нивното работење е слично со тие од натпреварите во формула е каде Ауди високо котира. Тоа значи дека принципот на работа на електричниот болид е искористен при конструирање на возилото за релито Дакар.

Сепак да создадете електромобил способен да произведе многу коњски сили е можно, но никако не е можно тоа исто возило да измине етапа од 800 километри со едно полнење на батериите. Тој недостаток Ауди го решил со вградување на класичен бензински, добро познатиот четирицилиндричен 2,0 тфси мотор со турбо компресор. Овој мотор нема улога да го задвижува електромобилот. Тој работи во заедништво со трет електромотор, независен од тие претходните два, односно третиот електромотор поврзан со класичниот бензински игра улога на генератор, создавач на електрична енергија која оди во батериите, а потоа таа електрична енергија стигнува до двата погонски електромотори. Ваква комбинација за првпат се применува во еден електромобил, а официјалните резултати ќе бидат најверојатно објавени по релито кое се вози на почетокот од следната година. Засега „ауди рс ку е-трон“ е во фаза на завршни тестирања и подготовки за релито.

Производителот најавува победа на релито и е многу самоуверен во своите изјави. За неговата сериозност во изјавите говори и следниов податок – зад управувачот на електромобилите „ауди рс ку е-трон“ се задолжени следниве три легенди на рели натпреварите, Карос Саинц, Стефан Петерхансел и Матијас Екстром. Ни помалку ни повеќе во своите редови го имаат и „мистер дакар“ Стефан Петерхансел и некрунисаниот крал на релито Карлос Саинц. Конкуренцијата ќе има прилика да се спротивстави, а каков ќе биде крајниот исход, ќе видиме на 14 јануари кога се очекува возилата да ја минат целта по 14 дневно возење низ арапските пустински предели.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.