HYUNDAI ELANTRA-ОБНОВЕНАТА „ЕЛАНТРА“ ВО „Н“ ИЗДАНИЕ

28/07/2021

Новата „елантра“ отсега ќе имаме прилика да ја гледаме и во „н“ изведба, односно најснажната во своето семејство. Досега вакво нешто не е познато во кругот на „елантра“, но овој пат конструкторите се погрижија популарниот модел да добие спортска нота. Оштрите линии како да сакаат да ја предупредат конкуренцијата со својата силина. Тоа „н“ во името кажува сè и затоа сè нешто е посветено на брзината и брзинските способности, но и на безбедноста преку електронските уреди: „нццд“, „е-лсд“, „вевс“, „нгс“, „нпс“ и „нтс“. Сите овие уреди се за подобра работа на моторот и останатите системи и секако за врвна безбедност при возењето.

Зошто се бара поголема безбедност кога е во прашање ваков автомобил, најбрзиот во потесното семејство? Еве зошто. Редниот четирицилиндричен мотор со работна зафатнина од два литри располага со 290 КС благодарение и на турбо компресорот. При толку многу коњски сили, моторот постигнува 5.500 врт/мин, а забрзува од 0 до 100 км/ч за 5,3 секунди. Крајната брзина е во содејство со останатите способности на возилото и таа изнесува 250 км/ч. Моќните брзински способности на „елантра н“ мора да бидат поткрепени со ефикасен уред за сопирање кој ќе биде способен да ги скроти тие 290 КС. Затоа во автомобилот се вградени диск сопирачки со димензија од 360 мм и плочки направени од врвни материјали исти како тие што се вградуваат во тркачките возила.

Бидејќи електрониката зазема сè поголемо место во автомобилите, така и во овој се наоѓа ако не на првото, тогаш сигурно е на второто место. На управувачот вградени се копчиња со кои се вклучува „нгс“ уредот со кој возилото добива дополнителни 10 КС во период од 20 секунди. Оваа „финта“ ја поседуваат исклучиво моделите со наставката „дцт“. Накусо кажано таква е обновената „елантра“ со наставка „н“. Во моментов цената не е позната, но ако ве интересира јавете се кај увозникот на Хјундаи, таму ќе ве информираат за сите детали.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.