Хонда, јапонскиот производител на автомобили деновиве ги објави првите фотографии од 11-та генерација на моделот „сивик“ кој покрај „акордот“ е еден од најпосакуваните во светот. Да не заборавиме дека „акордот“ беше една од најпродаваните лимузини во семејството. Како што најавуваат од Хонда, првичното светско претставување ќе се одржи на 29 април, кога ќе бидат обелоденети сите особини на возилото и уште еден куп други детали.
Конструкторите и останатите од тимот велат дека овој „сивик“ е најнапредниот од сите досегашни. Според нивните кажувања дизајнот е правен според спортската нота која во себе ја има „сивикот“, но црпеле линии и од сите досегашни модели кои ја пополнуваат светската автомобилска историја во речиси пет децении откако за првпат беше претставен примерокот за кој сега пишуваме. По претставувањето следи продажбата, но само на лимузинската изведба. Тие што сакаат да бидат сопственици на комбилимузината ќе почекаат уште седум месеци, односно до ноември кога ќе започне продажбата на спомнатата изведба.
Дали се сеќавате на една хондина рекламна порака, односно слоган „најнапред човекот, а дури потоа автомобилот“. Овој детаљ е присутен во секој сантиметар од автомобилот посебно во одделот за патниците, затоа што одговорните настојувале да постигнат врвна удобност и безбедност, сигурност, да постигнат чувство на уживање кај возачот и останатите во автомобилот додека патуваат. Целосната конструкција и дизајн се сконцентрирани на човекот, а ние би додале и филозофијата на убавото живеење.
Жарко Атанасоски