PORSCHE 911 GT3-СЕДМОТО „ДЕТЕ“ НАЈМАЛО, НО НАЈЛУТО

24/04/2021

Со една „нога“ на тркачка патека, а со другата некаде на Јадранската магистрала. Така ние го опишуваме најдобриот туристички автомобил наменет за трки, или перфектен како за тркачките писти така и за секојдневна употреба. Тоа е „порше гт 3“, седма генерација, во една –  две реченици.

Сè што е направено на овој автомобил е направено во соработка и позајмено од моделите наменети исклучиво за трки, односно пренесување на чиста тркачка технологија во сериски автомобил. Префинетата аеродинамика заедно со задниот спојлер и отворите на предниот дел, сето тоа е позајмено од успешниот тркачки модел „911 гр рср, а 4,0 литарскиот боксер мотор со шест цилиндри и 510 коњски сили е позајмен и наново доработен од тркачкиот модел „911 гт 3 р“ многупати докажуван во трките на издржливост. Бисер на тркала за секојдневна употреба, но ако сопственикот посака да биде дел (учесник) од (на) некоја трка, автомобилот е подготвен во секое време.

Во денешно време со толку големо присуство на електрониката и дигиталната технологија, производителите сè почесто се одлучуваат за автоматските менувачи. И Порше не е исклучок од современиот начин на работење, но покрај автоматскиот во новиот „гт 3“ вградил и обичен менувач за тие што се закоравени поклоници на механиката. Со шестстепениот обичен менувач автомобилот тежи 1.418 кг и постигнува крајна брзина од 320 км/ч, додека со „пдк“ менувачката кутија „порше гт 3“ тежи 1.435 кг и постигнува 318 км/ч.

Неговите 510 коњски сили, за 10 повеќе од претходникот, ги развива при високи 9.000 врт/мин. и притоа од издувниот систем се шири пријатен и здрав звук, така велат експертите по термодинамика задолжени за издувот. Со вакви карактеристики на моторот, автомобилот постигнува брзина од 100 км/ч тргнувајќи од место за 3,4 секунди, а да постигне 200 км/ч потребни му се 10,8. Соодносот килограми на една коњска сила е 2,8:1 за изведбата со обичниот менувач.

За постигнување на врвните резултати најодговорни се искуствата пренесени од трките. Таму на асфалтот каде автомобилите биле возени со часови, а моторот постојано теран во полето на високите вртежи, токму таму Порше ги испитувал, „ковал“ своите знаења, а потоа ги вградувал во сериските автомобили, а меѓу нив и „гт 3“ како врв во класата. Сè што ќе замислите, сè е позајмувано од тие брзи „огнени кочии“, дури и лесните материјали, легурите на алуминиумот и јаглеродните влакна без кои во денешно време е незамисливо да се прави врвен спортски автомобил.

Колку што е префинет во создавањето автомобили, Порше е прецизен и со сумата од пари која треба да ја издвоите ако сакате да станете сопственик на „ге те тројката“ – точно 152.416 евра и тоа со пресметани давачки во својата земја. Седмата генерација од овој поршеов модел е правен со заеднички сили на одделот „Моторспорт“ каде експертите ги подготвуваат автомобилите за трки.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.