JEEP COMPASS-НОВА СЕЗОНА И НОВА МОДНА КОЛЕКЦИЈА ЗА „КОМПАС“

12/04/2021

Обновената изведба од популарниот „џип компас“ за првпат се појави минатата година на кинескиот пазар, поточно на Салонот за автомобили во Гвангжу, а на почетокот од пролетва и на европскиот. Што носи редизајнот? Веднаш уочливи измени на предниот дел, пошироки отвори за воздух, така малку „покоцкасти“, да кажеме пооштри линии.

Сите изведби од моделот ќе имаат погон на предната оска, а само две од нив на сите тркала. Тоа се изведбите чии мотори имаат 190 и 241 КС (плаг ин хибрид). Пакетите на опрема ги има пет на број: „спорт“, „лонгитуд“, „лимитед“, „с“ и „теилхок“. Првиот, спорт, е солидно опремен, но затоа „с“, а нарочно „теилхок“, тоа се најопремените изведби и секако зачинети со луксуз. Димензиите се тие истите како и во претходникот, но умешноста на дизајнерите резултирала со дополнителни 4,4 литри товарен простор.

Електронските помагала ја диктираат безбедноста на сите возила, а Џип не е исклучок од тој „магичен“ свет на електрониките – препознавање на пешаци и велосипедисти при намалена видливост и автоматско активирање на сопирачките, приспособлива контрола на брзината, распознавање на знаците, алармира и не дозволува скршнување од коловозната лента во која се наоѓа возилото итн.

Кај спомнатите изведби со најснажни погонски единици, тие кои имаат погон на сите тркала, за преносот на силината се грижи шестстепен автоматски менувач кој според потребите може да ја пренесе силината само на предната, или, пак, на двете оски (на сите тркала), додека кај останатите изведби се вградува автоматски со двојна спојка или обичен со шест степени.

За цените и останатите детали ќе пишуваме подоцна, кога ќе бидат објавени или најдобро е да се јавите кај увозникот. Сепак едно е јасно, моделот „компас“ учествува со над 40 отсто од вкупната продажба на возилата Џип на континентов. Тоа јасно кажува колку овој модел е важен за производителот. Тоа е накусо за новата сезона и новата модна колекција за „компас“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.