Очигледно е дека историјата на нашата мобилност ја напишале речиси исклучително мажи. Големи имиња како Нил Армстронг, Чарлс Линдберг, Мајкл Шумахер или Илон Маск им се познати на повеќето луѓе и од работата на овие господа (оправдано) сите се восхитени, а нивниот херојски мит секогаш се слави.
Но ретко се слуша за грандиозните достигнувања на жените што во никој случај не се инфериорни во однос на оние од машките колеги. Но нивните имиња се претежно заборавени, нивните лица тешко може да се најдат на постери за детски соби, малобројни се филмските блокбастер адаптации на потфатите што ги оствариле. Друг проблем е тоа што честопати нивната „женственост“ погрешно се разбирала како цел сама по себе што го одвлекува вниманието од суштината.
Ви претставуваме десет приказни за жени што во времето кога дејствувале отвориле нови текови во мобилноста – во вселената и авијацијата, мотоспортот, конструирањето автомобили, техничкото истражување, во однос на политиката, животната средина и човековите права или во осамените авантури.
Можеби сте слушнале за некои од овие жени, а некои првпат ќе прочитате тука. Оваа приказна не се однесува на фактот дека тие направиле нешто подобро или порано од мажите колеги. Едноставно постигнале нешто многу посебно. Токму поради ова би сакале да покажеме дека на светот нема ништо што жените не можат да го направат исто толку добро како мажите.
Во нашиот избор е претставен само дел од долгиот список на жени-пионери во областа на мобилноста. За сте жени што се претставени заедничко е дека човештвото има корист од нивните истражувања, искуства и иновации. Тоа што го направиле е буквално револуционерно.
Без Хедвиг Кислер, родена 1914 година, тешко дека денес би користеле технологии, како што се GPS, WLAN или Bluetooth. Холивудската sвезда Хеди Ламар, виенка чие вистинско име е Хедвиг Кислер, предизвикала сензација со својата кариера по емиграцијата во САД во 30-тите и 40-тите години од минатиот век (филмски извадок „Екстази“), а откако САД влегле во војна почнала да се бори против нацистите и да развива патенти како пронаоѓач – вклучително и таканаречениот процес на фреквентно скокање, систем за контрола на торпеда, што сега се смета за основа на современите системи за безжичен пренос на податоци, без кои нашата мобилност не би функционирала.
Ламар почина во САД во 2000 година. Погребана е на Централните гробишта во Виена. Од 2018 година градот Виена им ја доделува наградата Хеди Ламар на иновативни жени научници. Изложбата „Лејди Блутут“ моментно се наоѓа во Еврејскиот музеј во Виена.
Американката Амелија Ерхарт, родена 1897 година, добила дозвола за летање на возраст од 24 години, а во 1928 година првпат го привлекла меѓународното внимание затоа што била прва патничка што го прелетала Атлантикот со 20-часовен нонстоп лет. По слетувањето таа рекла: „Можеби еден ден ќе се обидам самостојно.“
Само четири години подоцна дошло тоа време: Ерхарт е првата жена што летала самостојно преку Атлантикот во Локид Вега 5Б, од Њуфаундленд до Северна Ирска. Следувале голем број други рекордни летови. Како активист за женски права, таа секогаш нагласувала дека со своите смели потфати покажува дека жените се способни за врвни технички достигнувања.
На 2 јули 1937 година Амелија Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан исчезнале без трага над Пацификот додека се обидувале да ја обиколат Земјата околу екваторот. Постои сомнение дека причина за тоа била грешката во пресметката на Ноунан. Што би рекла Ерхарт за фактот дека денес во пилотските кабини на огромните авиони има женски екипи што секој ден летаат околу светот?
Веројатно не му оди во корист на срамното клише на алкохолизираните мажи според кое „жените не знаат да паркираат“. Шеесет и деветгодишната Французинка Мишел Мутон се смета за најуспешен возач на рели во историјата на автомобилизмот со неколку победи на трки на светски шампионати во 80-тите години од минатиот век како единствена жена до денес со познатото искачување на ридот Пајкс Пик во САД.
Круна во нејзината кариера е 1982 година кога за малку ја изгуби титулата светски шампион од надмоќната легенда на релито Валтер Рерл.
Во 1986 година Мутон се повлекла од овој спорт и подоцна го иницирала годишниот спектакл „Трка на шампионите“, на кој уште еднаш предизвикала изненадување со нејзиниот оригинален „ауди кватро“ во 2010 година на 69-годишна возраст. Денес е претседател на Комисијата на ФИА за жени во мотоспорт, а со тоа и спонзор на млади жени возачи во трки.
На 14-годишна возраст Новозеланѓанката докажала дека тинејџерите немаат секогаш само глупости на ум. И покрај првичната загриженост на властите, Декер го почнала остварувањето на својот голем сон на 21 август 2010 година во Гибралтар: самостојно обиколување на светот. Вознемиреноста поради проектот на девојчето била огромна, како и критиките: Како може да се биде толку неодговорен?
Родителите ѝ верувале на својата ќерка. По 17 месеци пловење по океаните, на 21 јануари 2012 година Декер безбедно пристигнала на карипскиот остров Сент Мартин, со што станала најмлад самостоен обиколувач на светот.
Денес таа има 24 години и сака наскоро да го повтори потфатот, но не сама, туку со тинејџери што се подготвени да си ги остварат соништата. На првата пловидба ја снимила својата авантура: Ова е само првиот дел од Канарските Острови до отворениот Атлантик.
Остатокот од неверојатното патување, секако, може да се види и на каналот на Лора на Јутјуб – одвојте време за тоа …
На средината на 60-тите години одличните математичарки Кетрин Џонсон, Мери Џексон и Дороти Вон биле вработени во НАСА. Во 1964 година расната сегрегација меѓу „црните“ и „белите“ во САД официјално била укината со Законот за граѓански права, но тоа не ја спречило вселенската агенција НАСА, како и другите работодавци, да продолжи со неправдата.
Со прецизното познавање на тогашната сосема нова компјутерска технологија Џонсон, Џексон и Вон значително придонеле за успехот на престижните програми за „Меркур“ и „Аполо“. И не само тоа, туку благодарејќи на нив, белите астронаути, како Баз Олдрин, вториот човек на Месечината (тука во ексклузивното интервју за автотурнеи ), во тоа време и херои на цела нација, можеле безбедно да се вратат на Земјата што во живо на телевизија го следела повеќемилионска публика.
Работната положба на трите Афроамерикани не одговарала на нивната важност: нивните канцеларии и тоалетите, без прозорци, биле одделени од оние на „белите“ колеги. Покрај тоа, можело да им бидат „зајмени“ на други оддели при немале право на приговор. Нивно навредливо работно име, вообичаено во тоа време, било „обоени компјутери“.
Импресивно е што триото сепак ја извршувало својата пионерска работа. Нивната приказна е снимена многу добро во 2016 година („Скриени фигури“) – еве го трејлерот:
Во 1976 година американското воено воздухопловство дозволило женски пилоти. Колинс, роденa во државата Њујорк во 1956 година, била меѓу четирите студентки пилоти меѓу 320 колеги мажи. Квалификуваната математичарка брзо се искачила во хиерархијата и на 30-годишна возраст напредувала и станала тренер за обука на пилоти.
Во 1986 година се пријавила во НАСА и прво била одбиена, но потоа се стекнала со диплома за управување со летала за вселената. Во февруари 1995 година Колинс конечно командувала со историски двојно важната мисија СТС-63: не само што била прва жена пилот на вселенски шатл (видео од нејзиното лансирање), туку и успешно се закачила првпат на руската вселенска станица „Мир“. Таа е мајка на две деца и денес живее изолирано во Тексас.
Како млада девојка Берта се интересирала за технологија, но тоа сепак било машка работа. За среќа во нејзиниот живот влегол човек со визија за кочија без коњ.
Токму со оваа визија во 1886 година Карл Бенц аплицирал за патент за веќе направениот трет моторен автомобил. Никој не сакал да ги купи. Берта сакала да направи мала реклама за да докаже дека овој автомобил може да оди подалеку од следниот свијок. Наутро во Манхајм таа тајно се возела со двата сина, но требало да ги исчисти затнатите вентили на автомобилот и да го турка автомобилот со празен резервоар до најблиската аптека каде што во тоа време се продавал бензин. Патувањето на далечина од 194 км до Форцхајм и назад го носи пробивот на автомобилот. Одеднаш многу луѓе посакале да го имаат.
Во нашиот избор влезе и жената што верувала во своите убедувања. Луџаин ал-Хатлул е од Саудиска Арабија, има 30 години, а в затвор е од мај 2018 година. Таа е обвинета за загрозување на социјалниот мир во кралството затоа што посветено се бори да стави крај на машкото старателство во строго патријархалната земја.
Во Саудиска Арабија на жените им е потребна согласност од машки роднина за да патуваат или да работат. Ал-Хатлул тврдоглаво го возела својот автомобил сѐ додека не ја уапсиле, па затоа во 2015 година британскиот BBC ја прогласи за трета најмоќна жена во Арабија. Благодарејќи на неизмерните напори од јуни 2018 година на тамошните жени – како последна земја во светот – им е дозволено да возат сами. Вистинска револуција во мобилноста.
Американскиот телевизиски радиодифузер ХБО направи импресивен документарец на тема „Саудиско женско училиште за возење“. Еве го трејлерот што ќе ве наежи
На 1 декември 1955 година во животот на Роза Паркс се случило нешто многу непланирано. Сè до тој ден во САД „црните“ требало да седат на последните седишта во јавните автобуси.
Само: Веројатно тој четврток на 42-годишната Роза веќе премногу ѝ се смачило од сето тоа. Таа седнала напред, на седиште резервирано за „белите“. И откако одбила да стане ја уапсиле. Под водство на Мартин Лутер Кинг почнале демонстрации на движењето за граѓански права што траеле 381 ден и резултирале со бојкот на автобусите. Тука може да ги видите ТВ-снимките од тоа време.
За граѓанската непослушност на г-ѓа Паркс Врховниот суд на САД пресудил дека расната сегрегација во автобусите е нелегална. Тоа не било само пресвртница во борбата против расизмот, туку и за правото на неограничена мобилност.
Само иднината ќе покаже дали 17-годишната Швеѓанка навистина ја обликувала нашата мобилност на долг рок. Сигурно е дека Тунберг го сменила начинот на размислување на милиони (особено млади) луѓе во последниве години: Штрајковите за климатските промени што ги иницирала прераснаа во глобално движење „Петок за иднината“ и за многу млади, на пример, автомобилот одамна веќе не е симбол на индивидуалната мобилност без алтернатива, како што беше секако за генерацијата пред нив.
Тунберг повикува на драстично зголемување на глобалните напори за заштита на климата и се смета за голем противник на негаторите на климатските промени. За да не придонесе во зголемувањето на емисијата на СО2, на далечни настани таа патува со воз или со електричен автомобил, а ако е потребно и со едрилица преку Атлантикот.