Пред неколку дена протекоа „неколку“ фотографии од 11-та генерација од познатиот Хондин модел „сивик“. Светот со симпатии гледа на овој модел затоа што е еден од најпродаваните и секако еден од најбараните. Посебно американскиот и азискиот пазар се заинтересирани за „хонда сивик“, а причина за ваквата појава е тоа што на тие пазари автомобилот постигнува одлични продажни резултати. И на континентов интересот за ова возило е голем, но со доза на резерва затоа што тука сè уште водат локалните производители.
Од Хонда нема никакви вести, освен што „некој“ ги пуштил фотографиите на интернет и сега цел свет ги гледа и го коментира појавувањето на новиот „сивик“. Вам ви оставаме да судите за дизајнот, а од нас ќе добиете податок за можните погонски агрегати кои ќе се вградуваат. На американскиот пазар не му бега моторот со 2,0 литри зафатнина и 158 КС. Таму преку „големата бара“ милуваат мотори со голема зафатнина, за разлика од тукашниве купувачи. Покрај најголемиот, можни се уште неколку изведби од 1,5 литарскиот со турбо компресор, а најверојатно во предвид доаѓа и 1,0 литарскиот турбо мотор како и 1,5 литарскиот турбодизел. Во зависност од пазарот такви мотори ќе бидат вградувани, така Хонда прави со децении наназад, едноставно го „слуша“ пазарот што бара, а потоа соодветно одговара.
Лимузина, комбилимузина и купе, тоа се вообичаените каросериски изведби кои Хонда ги нудела при секое појавување на новиот „сивик“. Досега немало, но не знаеме дали отсега натаму ќе се нуди и во кабриолет изведба. Сè е можно. И за крај, најзанимливиот во семејството „сивик“ е „р тајп“ и заедно со него тој со наставка „си“. За овие две изведби, нарочно за таа „р тајп“ ќе почекаме некоја година, а светската премиера ја очекуваме кон крајот на месецов или на почетокот од наредниот.
Жарко Атанасоски