Во кус временски период Пежо два пати го обновува своето лого. Пред точно 11 години, односно во 2010, Пежо го претстави новиот заштитен знак по повод 200 годишнината од постоењето на компанијата. Сега Пежо повторно го смени заштитниот знак и тоа по 11-ти пат. Светски познатиот производител на автомобили го наговести новото лого пред три години кога го претстави концептот „е легенд“, купе автомобил наследник на некогашното купе изведено од моделот „504“. На предниот дел од концептот прикажан во 2018 година, беше ставен новиов заштитен знак – профил од лавовска глава ставена во штит. Некогаш овој штит Пежо го користеше на автомобилите од ’60 години од минатиот век, како на пример заштитниот знак на „носот“ од моделот „404“ претставен во 1960 година.
Прв сериски произведен автомобил што ќе го носи обновениот заштитен знак е моделот „308“, а за првпат ќе биде претставен кон крајот од годинава. Додека Пежо успее да го стави новото лого на сите автомобили, ќе поминат околу две години, а можеби и некој месец повеќе.
Зошто Пежо се навраќа на заштитниот знак од ’60 години од минатиот век? Тоа е период кога Пежо беше еден од водечките производители на автомобили на континентов и еден од подобро стоечките компании во светот, период кога остваруваше солидни и стабилни продажни резултати. Можеби враќањето на тој дамнешен заштитен знак во денешно време е нешто како суеверие и желба убавите нешта да се повторат.
Жарко Атанасоски