ОЧИГЛЕДНА Е ГОЛЕМАТА ДОМИНАЦИЈА НА ТОЈОТА ВО ТРКИТЕ НА ИЗДРЖЛИВОСТ. ПЕТ ГОДИНИ ПО РЕД ПОБЕДУВААТ НА ЛЕГЕНДАРНАТА 24 ЧАСА ЛЕМАН, А НЕМА КОЈ ДА И СЕ СПРОТИВСТАВИ НА ПАТОТ КОН ПРВОТО МЕСТО НА ТРОНОТ
Тие што ги пратат трките, многу добро знаат што значи 24 часовната трка Леман. Трка на издржливост, трка на врвна подготвеност, трка на нерви, на исчекувања, на трпение, трка на бркање „три стотки“ на брзинометарот и како круна на сето ова трка за слава.
Многу тимови, многу возачи, многу конструктори ја испробале својата подготвеност и среќа учествувајќи на оваа легендарна трка, но само некои од нив успеале да се искачат на највисокото место и да земат со себе дел од славата, запишувајќи го своето име во историјата на трката. Човек кој најмногу пати победил на трката е Том Кристенсен со дури девет титули и со право можеме да го наречеме „мистер леман“.
Годинава трката се возеше од 11 до 12 јуни и како и секогаш започна во четири часот попладне, а заврши утредента во истото време. Болидот на Тојота со стартен број 8 стигна прв на целта, односно од стартот до целта, цело време го „водеше орото“. Рио Хиракава, Брендон Хартли и Себастијан Буеми, тоа се тројцата возачи во победничкиот болид на Тојота, тројката која доминираше над останатите возачи. По 24 часовната „бркотница“ тие се искачија на тронот, а веднаш до нив беа тимските колеги од болидот со број 7, Камуи Кобајаши, Хозе Марија Лопез и Мајк Конвеј.
Третото место на подиумот го запоседнаа возачите од тимот на Гликенхаус, со пет кругови доцнење зад убедливите болиди од Тојота. Годинашнава трка беше во знакот на фаворизираната Тојота, малку шанси беа дадени на Гликенхаус и Алпина и толку. Во класата на хипер автомобили учествуваа само пет болиди, по два од Тојота и Гликенхаус и еден од тимот на Алпина.
Но идната година конкуренцијата ќе биде далеку поголема кога се очекува да дојдат повеќе производители меѓу кои и Ферари. На 100 годишнината од организирање на првата трка 24 часа Леман и на 50 годишнината од паузата на Ферари на трката 24 часа Леман, тимот од Маранело доаѓа со сиот свој сјај. Покрај овој прочуен тим доаѓа и Пежо заедно со годинашниве учесници. Тоа се тимовите кои се запишани во трките од серијата Леман хиперкарс, а во серијата Леман Дајтона хиперкарс учество најавија: Акура, Алпина, БМВ, Кадилак, Ламборџини и Порше. Овие две класи од возила можат да настапуваат и во едната и во другата класа така што наредната година во јуни месец се очекува да биде многу „весело“.
Ова е петта Леман титула по ред за Тојота. Добар залет за јапонскиот тим со надеж дека догодина ќе им „земе мерка“ и на тимовите кои се враќаат во јатото наречено Леман. Учеството на Ламборџини е под знак прашање за идната година, но за 2024 учеството е уште отсега резервирано. 2023 година е роденденска за трката 24 ч. Леман, слави 100 годишнина и ако сѐ биде во ред, стартот е закажан за 10 јуни во 16:00 часот.