Автомобилскиот свет во последно време е малку чуден. Податоците велат дека „сув“ моделите и на нив сличните најмногу се продаваат. Владее еден посебен интерес за сув возилата, а производителите им удоволуваат на купувачите и таа заедничка „формула“ живее, се развива. Шеснаесеттата генерација од моделот „краун“ (круна) беше претставен во четири изведби, класична лимузина, караван (естејт), спортска изведба (нешто како купе) и кросовер. Изведбата кросовер изгледа како класика од „сув“ возило, а караванот како кросовер. Тенка е линијата помеѓу овие групи возила, така што едните наликуваат на другите и обратно.
И покрај тоа што светот сѐ помалку бара лимузини, Тојота е упорна и сѐ уште го негува тој облик. Гамата од изведби ќе биде комплетна по година и пол, а сега се нуди само кросоверот (читај „сув“). Новиот „краун“ е правен на основа од повеќенаменската платформа „тнга – к“ која во моментов е присутна во моделите: „венца“, „камри“, „рав 4“ и „хајлендер“. „Тојота краун“ во кросовер (сув) изведба ги поседува следниве димензии: должина 4.928 мм, ширина 1.839 и 1.539 мм висина, додека растојанието помеѓу оските е 2.850 мм. Димензиите на останатите изведби ќе бидат слични, плус – минус некој сантиметар.
Изборот на погонски единици ќе зависи од пазарните услови во моментов. Отсекогаш Тојота правела избор на мотори според барањата на купувачите, на пример едни мотори се вградуваат за азискиот пазар, други за тој преку „големата бара“, а сосема поинакви за Европа, но едно е сигурно, сите ќе бидат со хибридна технологија. Е сега, друго прашање е дали новиот „краун“ ќе го замени „камрито“ и така да дојде на континентов.
Жарко Атанасоски