ФИЛОЗОФИЈА НА ВОЗЕЊЕТО АВТОМОБИЛ Е НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ ДО НАЈНИСКО МОЖНО НИВО И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА И, ДОКОЛКУ СЕ ПОЧИТУВА, НАЈБРЗО ЌЕ СЕ ПРИСТИГНЕ ДО ПОСАКУВАНОТО ОДРЕДИШТЕ.
Многу често се случува сопствениците на моторни возила да ја поминат зимата возејќи со летни пневматици. Поради оваа неправилност уште еднаш да ја објасниме разликата меѓу летните и зимските пневматици.
Уште на прв поглед може да се забележат подлабоките шари на зимските во однос на летните пневматици. Шарите се подлабоки за да може поголемо количество снег да навлезе во нив, а издигнатите делови да пропаднат колку што е можно подлабоко во снегот. На тој начин зимскиот пневматик полесно се движи по снегот отколку летниот пневматик каде што плитките шари немаат толкав волумен да соберат поголемо количество снег и затоа испакнатините на пневматикот не може да пропаднат длабоко во снегот. Поради тоа летните пневматици се поподложни да пролизгуваат на снег и на кал.
Втора разлика е смесата од која се направени. Смесата кај летниот пневматик покажува најдобри резултати на температури над +7 С степени. Под оваа температура летниот пневматик се зацврстува, смесата ги губи својствата и контактот со асфалтот не е како што треба, а да не зборуваме за однесувањето на снег. Летниот пневматик ќе послужи и во зима, но со голема доза на ризик автомобилот нема да биде стабилен колку во топлиот период од годината.
Зимскиот пневматик има своја „работна температура“ од +7 и оди во минус. Смесата на зимскиот пневматик е создадена да ги покажува своите најдобри својства на ниски темпратури. Често се случува сопствениците на возилата да возат со зимски пневматици и во лето. Но зимскиот пневматик во лето ќе биде значително послаб при контактот со асфалтот.
Многу често се случува да се продаваат стари пневматици со многу извозени километри и да се ставаат на друг автомобил што е премногу ризично и опасно. Големите удари во некој предмет може да предизвикаат деформирање на каркасата (челичната мрежа во пневматикот) и тоа доведува до неправилно тркалање, неправилно балансирање и постои можност во дадена ситуација пневматикот да покаже „балонче“ (орев) или да пукне поради различни притисоци во гумениот дел, особено на местата каде што е деформирана.
Втора опасност е што долготрајната употреба и големиот број изминати километри доведуваат до дотраеност на смесата, таа се укрутува, ги губи своите првични својства. На старите пневматици се појавуваат пукнатини што со текот на време стануваат сè поголеми, побрзо се абат, покрути се и веќе не успеваат толку добро да одржуваат контакт со асфалтот, а траекторијата на сопирање е подолга. Ако возило со стари пневматици се движи со брзина од 80 км/ч, измерената патека од моментот на сопирање до застанување ќе изнесува, на пример, 25 метри, а со нови пневматици автомобилот ќе застане на 22 метра. Три метри во плус се дури и премногу во дадени ситуации.
Филозофија на возењето автомобил е намалување на ризикот до најниско можно ниво и зголемување на безбедноста и, доколку се почитува, најбрзо ќе се пристигне до посакуваното одредиште. Новиот пневматик ја чува главата.