ZENVO AUTOMOTIVE-„АУРОРА“ И „АГИЛ“

29/03/2023

Зенво е марка на автомобили од поинаков ков. Не е како надалеку познатите купе автомобили, туку е ретка ѕверка која не се гледа ниту еднаш во три години. Ова е мал производител сместен во предградие на Копенхаген, чие производство се мери со десетици, а ретко кога со стотици примероци. Сега од Зенво стигна најава за скорашно претставување на моделот „аурора“ кој ќе биде произведен само во 100 примероци. Моторот кој ќе се вградува е класика V12 од сопствено производство, што е за пофалба, затоа што нема да биде позајмен од друг производител. Според првите изјави познато е дека автомобилот ќе има страотни забрзувања и максимална брзина од над 400 км/ч. Брзината ќе биде компјутерски ограничена, но не кажуваат на колку километри над 400 ќе застане брзинометарот. Ова е изведбата која ја нарекуваат гран туризмо, значи за возење по градскиот и вонградскиот асфалт.

Во планот на производителот е да лансира изведба со ултра аеродинамична линија и врвни спортски подесувања на подвозјето и управувањето, така што возилото успешно ќе се справува со тркачките патеки.

Вторава изведба е наречена „агил“, марка која е поретка и од Ферари, Масерати и Ламборџини. Засега останува да читаме и пренесуваме што ќе каже производителот. Колку за информација, 30 отсто од примероците веќе се резервирани. Зенво Аутомобили сѐ уште не објавил фотографии од „аурора “ и „агил“.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.