WRC–Вовед во сезоната 2024-ЗНАЧАЈНИ НОВИНИ ЗА ВОЗБУДЛИВА СЕЗОНА

12/02/2024

ИЗМЕНИТЕ ВО СПОРТСКИТЕ И ТЕХНИЧКИТЕ ПРАВИЛА КОИ ГИ ПРЕДВИДЕ FIA ЗА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ, ЗАЕДНО СО НОВИОТ КАЛЕНДАР И НОВИНИТЕ ВО ТИМОВИТЕ ТРЕБА ДА ЈА НАПРАВАТ ГОДИНЕШНАТА СЕЗОНА 2024 УШТЕ ПОИНТЕРЕСНА ЗА СЛЕДЕЊЕ

 

Возбудливи новини ќе ни приреди Светскиот шампионат во рели во годинешната сезона. Новини кои треба да ја зголемат конкурентноста меѓу тимовите и екипажите и со тоа да го направат ова врвно натпреварување во мотоспортот уште поинтересно за постоечките љубители на релито, но и привлечат нови фанови кои ќе се заразат со возбудливата рели-треска. Измени има и во спортските правила, но и во техничките. Секако без измени не останува ниту календарот кого во целост го објавуваме во табела. И тимовите не остануваат со куси ракави кога станува збор за новините, и сигурно нема да не остават да заспиеме. Измените кај нив ставаат шлаг на тортата кој ќе ја направи оваа сезона 2024 да биде уште поинтересна.

НОВ СИСТЕМ НА БОДУВАЊЕ

Спортските правила носат нов систем на бодување кој кај некој од возачите разбуди одредени контроверзии, но управувачкото тело на FIA уверува дека доколку се покаже потреба од измени тие ќе се прават во од. Идејата зад новиот бодовен систем е да се подобри забавниот дел на последниот ден од релито. Имено во досегашниот систем возачите во недела често калкулираат со брзината со цел да ги сочуваат гумите за последниот Power-брзински испит на кого се доделуваат бонус поени за најбрзите петмина. Така на пример победникот на релито кој ќе заработи 25 бода од победата, има прилика да заработи уште максимални 5 бода на последниот Power-испит. Годинава ова ќе се смени со цел да се натераат екипажите да дадат сè од себе и на последниот ден од релито, место да калкулираат.

Според новиот систем бодувањето ќе биде поделено во два сегменти меѓу сабота и недела. На крај од денот, во сабота ќе се доделува следната низа од бодови соодветно за освоената позиција: 18 – 15 – 13 – 10 – 8 – 6 – 4 – 3 – 2 – 1. На крај од релито во недела ќе се доделуваат останатите бодови: 7 – 6 – 5 – 4 – 3 – 2 – 1. Додека бодовите што можат да се освојат на последниот Power-испит остануваат: 5 – 4 – 3 – 2 – 1. Така победникот на крај од релито повторно ќе може да освои 25 бода плус 5 бода доколку победи на испитот Power.

Важно е да се напомене дека екипажот ќе заработи поени во сабота само доколку го заврши релито во недела. Ако се откаже во недела бодовите од сабота ќе му бидат одземени и ќе бидат доделени на следниот најдобро пласиран екипаж. Победникот на релито останува да биде одреден според најдоброто време постигнато од старт до цел. Според От Танак со овој систем победата на рели има многу помало значење бидејќи може да се случи победникот на релито да освои помалку бодови од другите натпреварувачи.

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВОЗИЛАТА

За да се подобри конкурентноста и да се направи највисоката класа Rally1 да биде подостапна така што ќе се намалат трошоците за влез во неа, управувачкото тело на FIA одлучи годинава во класата Rally1 да се натпреваруваат и возила кои немаат хибриден погон. На овој начин ќе се овозможи возилата од класата Rally1 да се натпреваруваат и на регионалните рели настани, а не само во Светскиот шампионат. Возилата кои нема да имаат хибриден погон ќе мораат да носат баласт со еднаква тежина која на возилото ја додава целосниот хибриден систем. Воедно отсуството на хибридниот систем ќе ја намали моќноста на возилото за околу 100 КС. Тие што ќе се натпреваруваат без хибриден систем нема да бидат квалификувани да се бодуваат за шампионатот, иако можат да бидат поддржани од производителите. На овој начин во FIA веруваат дека ќе се намали празнината која се чувствува меѓу категориите Rally1 и Rally2.

За дополнително кратење на трошоците во 2024 година тимовите повеќе немаат на располагање девет нови хибридни системи по автомобил во текот на сезоната кои можат да се менуваат по потреба. Бројот е скратен на само три нови системи за цела сезона.

Систем на бодување во 2024 година

ПОЗИЦИЈА БОДОВИ ЗА ОСВОЕНА
ПОЗИЦИЈА ВО САБОТА
БОДОВИ ЗА ОСВОЕНА
ПОЗИЦИЈА ВО НЕДЕЛА
POWER – ИСПИТ
1 18 7 5
2 15 6 4
3 13 5 3
4 10 4 2
5 8 3 1
6 6 2
7 4 1
8 3
9 2
10 1

КАЛЕ РОВАНПЕРА ПАУЗИРА

Голема вест која доаѓа од тимот на Toyota е одлуката на двократниот светски шампион Кале Рованпера годинава да паузира, токму кога се наоѓа на врвот од својата возачка кариера. Секако младиот Финец нема целосно да отсуствува од шампионатот. Ќе вози скратена програма која треба да му помогне да ги наполни батериите и целосно да атакува на нова титула во 2025 година. Тој ќе го дели возачкото место со Себастијан Ожие, додека Такамото Катсута која лани возеше скратена програма ќе вози полна сезона. За Јапонецот ова е одлична шанса да се докаже.

Тимови со екипажи * возат скратена програма

ТИМ ВОЗАЧ СОВОЗАЧ
M-Sport Ford Грегори Манстер Луис Лоука
Ејдриен Формо Александар Кориа
Hyndai Тиери Нувил Мартин Вајдаг
От Танак Мартин Јарвеоја
Есапека Лапи* Јане Ферм
Дани Сордо* Кандидо Карера
Андреас Микелсен* Торстајн Ериксен
Toyota Елфин Еванс Скот Мартин
Такамото Катсута Арон Џонстон
Кале Рованпера* Јона Халтунен
Себастијан Ожие* Винсент Ландаи

 

Паузата на Рованпера отвора можност за останатите возачи во шампионатот да стигнат до титула. Прв е неговиот тимски другар Елфин Еванс кој три години по ред завршува втор на крајот од сезоната. Но, тука се и гладните за титула од тимот на Hyundai: Тиери Нувил и От Танак. Естонецот после едногодишниот излет во тимот на M-Sport Ford се враќа во тимот на Hyundai уверен дека Корејците годинава имаат победничка машина. Тие имаат и најмногу возачи. Дури пет екипажи ќе ги бранат боите на Hyundai годинава. Голема новина во тимот е минатогодишниот шампион од категоријата WRC2 Андреас Микелсен кој ќе вози скратена програма и ќе го дели автомобилот со Есапека Лапи и Дани Сордо.

WRC календар за 2024 година

РУНДА НАСТАН ДАТУМ
1 Рели Монте Карло 25 – 28 јануари
2 Рели Шведска 15 – 18 февруари
3 Сафари Рели Кенија 28 – 31 март
4 Рели Хрватска 18 – 21 април
5 Рели Португалија 9 – 12 ма
6 Рели Италија Сардинија 30 мај – 2 јуни
7 Рели Полска 27 – 30 јуни
8 Рели Латвија 18 – 21 јули
9 Рели Финска 1 – 4 август
10 Акрополис Рели Грција 5 – 8 септември
11 Рели Чиле 26 – 29 септември
12 Рели Централна Европа 31 октомври – 3 ноември
13 Рели Јапонија 21 – 24 ноември

 

РЕЛИ ПОЛСКА И ЛАТВИЈА НА РЕПЕРТОАРОТ

Годинава календарот на Светскиот шампионат во рели со цел да ги проширува хоризонтите и да вклучува нови настани со нова публика ги става во мирување релито на Мексико и релито на Естонија, и на нивно место воведува два нови настани. За првпат во шампионатот ќе се возат релито на Полска и релито на Латвија, додека дел од настаните ги менуваат местата во календарот.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ