КАКО ВО СЕКОЈ МОТОСПОРТ ТАКА И ВО РЕЛИТО ВНИМАНИЕТО Е НАСОЧЕНО КОН ВОЗАЧИТЕ И СКОРО И ДА НЕ СЕ СПОМЕНУВААТ ХЕРОИТЕ ШТО РАБОТАТ ЗАД СЦЕНА И СЕ ОДГОВОРНИ ЗА НЕВЕРОЈАТНИТЕ ПОПРАВКИ КОИ ГИ ВРАЌААТ АВТОМОБИЛИТЕ ВО ИГРА.
Да се гледа едно рели низ око на механичарите е ретко и несекојдневно искуство кое го доживува оваа мала група на искусни и ентузијастички настроени „типчиња” на кои подготовката на автомобилите за рели им е душевна храна. Ова искуство несебично со љубителите на релито го споделува Марк Грифитс од тимот на Toyota Gazoo Racing. Воедно Грифитс е личен техничар на шесткратниот светски шампион во рели Себастијан Ожие и ја истакнува важноста на улогата која ја имаат механичарите во Светскиот шампионат во рели.
„Кога ќе им раскажеш на луѓето дека си бил на места како Чиле, или Аргентина, реакцијата скоро секогаш е иста. Но, помислата на одмор за нас е непознаница дури и ако сте го свртеле светот неколку пати,” вели Грифитс.
„Вистината е дека ретко сум имал прилика да искористам одмор, и тоа е скоро невозможно ако знаете дека мора да бидете будни пред 5 часот наутро, и дека најверојатно нема да ја видите перницата пред полноќ. И тоа е доколку сѐ оди по планот. Да се работи како механичар во Светскиот шампионат во рели не е професија доколку сте љубител на сонот. Но, затоа е апсолутна ултимативна професија за секој љубител на автомобилите и на релито. Како јас на пример.
Отсекогаш сум го сакал овој спорт и шансата да работам во WRC не ја испуштив бидејќи тоа е нешто кое сум сакал да го работам отсекогаш. Сум работел за повеќе различни тимови, но сега сум во Toyota Gazoo Racing и сум техничарот „број еден” на автомобилот на Себастијан Ожие. Да се работи со возачи како Себ е прекрасно искуство. Тој точно знае што сака, директен е, и е навистина добар човек. Во колку часот станувам зависи од тоа каде е хотелот во однос на сервисниот парк. Некаде како на пример во Мексико хотелот е многу блиску и пешачиме до сервисот, што е одлично.
На овие настани, вообичаено појадувам околу 06.30 часот и одам директно на работа. Но, на релијата каде сме сместени далеку од сервисната зона заминуваме организирано околу 5 часот и доручкуваме заедно со тимот откако ќе го завршиме утринскиот сервис на автомобилите. Прва задача наутро е сервис од 15 минути пред стартот на брзинските испити. Тоа е прилика да завршиме некоја работа што останала од претходната вечер, моќност да ставиме нови гуми, да се исчисти ветробранот и евентуално да се дотера сетапот според барањето на возачот.
Попладневните и вечерните сервиси се далеку понапорни. Доколку возачот имал проблем на патеките, не информира или преку телефон, или преку радио врска и објаснува што се случило.
Често сме многу добро информирани за збиднувањата додека го гледаме преносот во живо на WRC+. Овој ТВ сервис е нешто што навистина ја смени природата на нашата професија.
Пред ова се потпиравме само на описот на проблемот што го даваше екипажот. Понекогаш ќе испратеа фотографија од скршениот дел од суспензијата или ќе се обидеа да бидат подетални во објаснувањето колку да се разбере што не очекува кога автомобилот ќе пристигне во сервис. Но, сега со ТВ камерите кои постојано ги следат автомобилите се добива многу појасна слика, не само за оштетувањето на автомобилит, туку и за тоа како дошло до оштетување, што е многу корисно за полесно санирање на проблемот.
Кога автомобилот ќе пристигне во сервис имаме 40 минути време за работа на ручек, и 45 минути навечер. Во олку ограничен временски период за сервис нема многу што може да поправиме кај автомобилот доколку повредата е голема. Но, такви се правилата.
Сепак, и во олку кусо време можеме да го смениме комплетно преносниот систем, односно трансмисијата. Ја менуваме суспензијата, и скоро сето она кое го дозволуваат правилата. Станува комплицирано само кога има оштетување на самиот автомобил. Доколку автомобилот удрил, или се превртел потребна е поправка на каросеријата, менување на менувачката кутија и поставување нова суспензија на сите четири тркала. Е тогаш сме презафатени и брзаме да направиме што повеќе поправки. Не постои ништо налик напливот на адреналин во тие моменти. Очекувањето додека автомобилот влегува во сервис е прекрасно чувство. Пред да пристигне имаме состанок со сите што работат на автомобилот и секој механичар прецизно знае што треба да направи и кога. Се планира буквално секој потег.
Најголемата промена во поглед на нашата работа е воведувањето на централна сервисна зона, нешто што го немаше пред повеќе од дваесет години. Сепак среќен сум што ја уловив и таа ера од релито. Влегов во шампионатот во 1998 година со Subaru и доживеав такви моменти од кои ми останаа мемоари за големи авантуристички поправки на автомобилите во пустелии каде ретко стапнува човечка нога.
Сѐ уште постои елемент од ваква авантура на некои настани каде се предвидени истурени зони за монтирање гуми. Убаво е кога ќе се напушти сервисниот парк и ќе се запознае дел од државата каде сте дошле да се натпреварувате. За жал овие моменти стануваат се поретки.
Меѓу сервисите работиме на подготовка на нови делови, анализираме податоци и поправаме делови кои можат да се поправат. Но, никогаш не се исклучуваме од релито и будно го следиме секој брзински испит.
Еден од најкомпликуваните сервиси е во петок навечер на релито на Шпанија. Всушност тоа е и најдолгиот сервис во сезоната и трае 75 минути. На овој сервис комплетно го менуваме автомобилот и од спецификација за чакал го претвораме во спецификација за асфалт. Вообичаено за да се направи сето ова ни се потребни неколку дена во фабричката работилница, но за време на релито имаме само 1 час и 15 минути да ја завршиме работата што е многу исцрпувачки.
Да се работи интензивно по цела ноќ сѐ уште е редовна појава во Светскиот шампионат. Правилата дозволуваат автомобилите кои се откажале да можат да стартуваат повторно следниот ден. Доколку вашиот автомобил се откажал на последниот брзинец од денот најчесто не пристигнува во сервисот пред полноќ, и тогаш имате прозорец од само три часа да работите на него и да го поправите.
Се губи време и додека ги подготвувате сите делови кои се потребни за да се поправи. Така понекогаш почнувате да работите на автомобилот во 1, или во 2 часот по полноќ и го користите целото време кое ви стои на располагање. Не сум сигурен дека на повеќето сето ова им е пример за како треба да изгледа еден одмор!”.