РЕЛИТО НА ТУРЦИЈА И ГОДИНАВА ГО ПОТВРДИ ЕПИТЕТОТ НАЈТЕШКИОТ НАСТАН НА СЕЗОНАТА ОТКАКО БУКВАЛНО ГИ ДЕСЕТКУВАШЕ ЕКИПАЖИТЕ ОД СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ СВРТУВАЈЌИ ГО ТЕКОТ НА СЕЗОНАТА НАОПАКУ.
Се води како еден од најтешките и најгрубите, ако не и најтежок и најгруб настан во Светскиот шампионат во рели. Љубителите на светското рели лесно ќе погодат дека станува збор за релито на Турција. Карпестите планински патишта кои се извиваат во навидум бескрајни свијоци полни со скриени замки и прекриени со густа прашина која го отежнува и бездруго тешкото навигирање низ оваа дива природа, како и во минатото, така и годинава, им пресудија на многу екипажи што се борат за примат во шампионатот. Најинтересно е што буквално во само еден брзински испит, драматичен и вреден за паметење, и кој сигурно ќе влезе во аналите на светскиот шампионат, релито на Турција се сврте на глава. Воедно свртувајќи го наопаку и текот на оваа, во скратен формат сезона.
Да тргнеме по хронолошки редослед бидејќи само така може да се доловат настаните кои го обележаа релито во Турција.
ЛОЕБ СÈ УШТЕ ВО ТОП ФОРМА
Стартот на релито мина во знак на деветкратниот светски шампион Себастијан Лоеб. Французинот како да се беше вратил во времето кога трипати победи на релито во Турција. Во 2004 и 2005 година зад волан на Citroen Xsara WRC, и во 2010 година со Citroen C4 WRC. Лоеб го поведе релито со второ најдобро време на првиот и најдобро време на вториот брзински испит и со своите 46 години се запиша во историјата како најстар возач кој водел на рели од светскиот шампионат. Неговиот тимски другар Тиери Нувил, исто така, со Hyundai i20 Coupe WRC го заврши денот на втората позиција. Зад нив во само 1,5 секунди беа наредени трите возачи на Toyota. Шесткратниот шампион Себастијан Ожие, Елфин Еванс и младиот и надежен Кале Рованпера зад волан на Yaris WRC се наредија од третата до петтата позиција соодветно. Актуелниот шампион От Танак не успеа подалеку од седмото место, а пред него и зад него се наредија возачите на Ford. Тему Сунинен својата Fiesta WRC ја доведе на шестата позиција, а Есапека Лапи и Гас Гринсмит беа осми и деветти. Кусиот прв ден беше увертира за предизвикот кој ги очекуваше екипажите во втората најдолга етапа од релито.
НУВИЛ СО ШАМПИОНСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ
Втората етапа, или вториот ден од релито мина во знак на Нувил кој заслужено стоеше на врвот од поредокот после шесте исцрпувачки брзински испити полни со замки кои како со нетрпение да чекаа да го казнат невниманието на екипажите. Нувил освои три брзинци и создаде голема предност од 33,2 секунди пред Лоеб и Ожие пред почетокот на третата и последна етапа. Ожие победи на првиот и вториот брзинец, додека Нувил го освои третиот. Со Нувил буквално ги менуваа секундите, но после трите утрински брзинци водството прејде во раце на Ожие. За жал, тој не успеа да се задржи на врвот после големиот сервис и паузата пред попладневниот распоред. Вториот дел од етапа целосно падна во раце на Нувил. Откако техничарите комплетно го сменија сетапот на неговиот i20 Coupe WRC тој конечно фати ритам и стана недопирлив. Победи на шестиот и седмиот брзинец и за 0,9 секунди беше поспор од Лоеб кој беше најбрз на осмиот брзинец. Така го превзеде водството оставајќи ги зад себе Лоеб и Ожие. Иако исто заостануваа зад Нувил, на Лоеб второто место му припадна заради повеќе освоени брзинци. Факт е дека Лоеб можеше и подобро, но лошиот избор на гуми го симна од водечката позиција. Ожие после проблемите со менувачот и хидрауликата на Yaris WRC го заврши денот трет. Повторно зад него беа Еванс и Рованпера. Танак се откажа уште на првиот брзинец од денот кога проблем со управувањето го натера да излета од патека оштетувајќи го автомобилот. Со оглед на поставеноста на силите на крајот од вториот ден, никој не очекуваше што ќе донесе последниот ден од релито.
БРЗИНЕЦ КОЈ ПРЕСУДИ ЗА ИСХОДОТ
Ништо не можеше да ги подготви тимовите и екипажите, па ниту фановите за експлозијата која се подготвуваше на деветтиот брзински испит од релито на Турција, односно првиот брзинец од третиот и последен ден од овој тежок настан. Наречен „Çetibeli” или преведено „Тежок” деветтиот брзинец всушност ги преврте работите наопаку. Никој не ја очекуваше драмата која го смени текот на релито. И повеќе од тоа. Го смени текот на годинешниот шампионат.
Прв стартуваше Танак кому техничарите му го вратија автомобилот во натпреварувачка форма. Сепак, лошата врска со совозачот Мартин Јервеоја заради проблеми со интеркомот не му дозволија да вози на соодветно ниво. Втор со проблеми се сретна неговиот тимски другар Пјер-Луи Лубе кому му откажа моторот. Следен на црниот список беше Лапи кој застана да смени гума и загуби 1 минута и 52 секунди. Потоа и Рованпера загуби 1мин. и 48сек. Сунинен го скрши амортизерот лево одзади и се откажа, ослободувајќи го петтото место за Рованпера. Гума дупна и Ожие и загуби 1мин. и 32сек. при менување. Воедно го загуби и третото место. Низок удар и за Нувил. Менувањето на дупната гума му одзеде 1мин. и 32сек. како и на Ожие. Но, му ја одзеде и лидерската позиција. Гума дупна и Лоеб, но не застана да менува. Сепак, не стигна подалеку од втората позиција препуштајќи му го водството на Еванс.
Возачот на Toyota беше единствениот од водечките кој успеа да го мине „Çetibeli” без проблеми. Велшанецот внимателно го водеше својот Yaris WRC низ карпите кои штрчеа од подлогата и заслужено го поведе релито. Создаде предност од 46,9сек. пред Ожие и во стил на искусен возач не ја испушти докрај. Беше претпазлив на останатите три брзинци од релито, не ризикуваше и победи. Не ризикуваше нити на телевизискиот брзинец и им дозволи на Нувил, Танак и Рованпера да го победат. Така стана единствениот годинава кој победил на две релија и лидер во генерален пласман. Втор заврши Нувил кој воедно со седум освоени брзинци беше најбрзиот возач на релито. Сепак, среќата не му беше наклонета. Трет заврши Лоеб, а четврти Рованпера. Најголемиот трагичар сепак беше Ожие. Му откажа моторот на претпоследниот брзинец од релито принудувајќи го да се откаже со што ги скрати и шансите за освојување на годинешната титула.
Сепак, годинешниот шампионат е далеку од завршница. До крај има уште две релија, релито на Италија кое се вози на Сардинија и релито на Белгија, а резултатот е тесен. Доволна е само една грешка да стави крај на надежите. Со освоени 97 бодови Еванс е лидер пред Ожие кој има 79 бодови. Третото место го делат Танак и Рованпера со по 70 бодови, а зад нив е Нувил со 65 бодови.
Победата на Еванс и четвртото место на Рованпера и помогнаа на Toyota малку да се оддалечи од Hyundai во шампионатот за производители. Јапонците имаат 174 бодови наспроти 165 на Корејците. Разликата е мала и остава простор за жестока борба до крајот на сезоната.